ПОВЕЌЕ

    „Finance Talks“ 2024: Поголема транспарентност, намалување на корупцијата и одржлив развој преку воведување на ЕСГ стандардите

    Време зa читање: 6 минути

    Имплементацијата на ЕСГ стандардите во корпоративниот сектор во земјава ќе придонесе кон креирање на одржлив раст и деловна клима која ќе ја подобри конкурентноста и финансиската стабилност на компаниите. Иако земјата се уште не е дел од Европската унија и воведувањето на ЕСГ стандардите не е обврзувачко, сѐ повеќе се зборува за нивна имплементација. Истражувањата покажуваат дека сепак само 4% од компаниите во земјата имаат модел за имплементација и известуваат за ЕСГ стандардите. Доброто корпоративно управување и јакнење на деловната доверба и имплементација на ЕСГ стандардите во таа насока, беа тема на првиот панел на годинешното издание на „Finance Talks”. Конференцијата се одржа во хотелот Лимак под наслов „ЕСГ експертиза: добро управување и финансиска писменост за сигурна иднина“ и во организација на ЕОС Матрикс Македонија, а извршната директорка на компанијата д-р Катерина Бошевска беше модератор на  првиот панел насловен „Управување и усогласеност – политики и организации кои ќе придонесат кон интегритет и сигурност“.

    „Јакнењето на деловната доверба преку имплементација на ЕСГ стандардите е јасна манифестација на висока деловна одговорност преку која ќе изградиме силни организации кои ќе имплементираат добри практики, кои ќе создадат раст и задоволство кај вработените, купувачите и соработниците. Воспоставување на јасни политики и контроли може да ни помогне да постигнеме конзистентност и одговорно уредување. Корпоративната култура мора да се базира на механизми, правила и процедури, кои се од клучно значење. Ние системски работиме на имплементација на ЕСГ стандардите и во таа насока поттикнуваме низа активности“, истакна д-р Бошевска. Европската унија минатата година усвои Директива за известување за корпоративна одржливост, која од компаниите во ЕУ и од земјите кои сѐ уште не се дел од унијата бара да поднесуваат годишни извештаи според европските стандарди за известување и одржливост (ESRS). Компаниите ќе треба да известуваат согласно овие стандарди веќе за 2024 година.

    Во рамките на панелот свои видувања на темата дискутираа Даниел Браун, раководител на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, Виктор Мизо, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025 и Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори, надлежна и за Косово и Албанија.

    „Економијата се соочува со силни предизвици како што се недостиг на работна сила, владеење на правото и слично и за да создадеме услови за одржлив развој значајно е да имаме јасен дијалог и насоки од страна на институциите со што ќе се интензивира соработката“, истакна Браун.

    За да се надминат предизвиците со кои се соочуваат компаниите од реалниот сектор важно е да се работи на имплементација на ЕСГ стандардите веднаш, бидејќи тоа ќе го реши проблемот со корупцијата, владеењето на правото, транспарентноста и ќе обезбеди поголема финансиска стабилност, беше акцентирано во рамките на панелот.

    „Факт е дека многу се зборува за ЕСГ стандардите, но ако ги прашате компаниите дали имаат бизнис план за имплементација, одговорот нема да биде позитивен. Потребна е структура за добра имплементација на ЕСГ стандардите, односно постоење на систем за да бидат имплементирани како што треба. Имплементацијата е важна и заради тоа што многу скоро имплементацијата на ЕСГ стандардите ќе биде еден од главните услови за финансирање на компаниите“, истакна Ванделт.

    Според Виктор Мизо, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025 недостигот на работната сила и другите клучни предизвици на пазарот треба да бидат сигнал за преструктурирање на стратегијата за привлекување на инвестиции. „Ние мора да се споредуваме со компаниите кои работат надвор од овој пазар, а за таа цел важно е да имаме стандарди кои јасно ќе ги дефинираат правилата и ќе придонесат кон поголема транспарентност и јасни правила“, додаде Мизо.

    Вториот панел на конференцијата беше посветен на финансиската писменост, како предизвик кој ги погодува сите генерации, а модератор беше д-р Маја Стевковска Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје. Во своето воведно излагање Стевковска Штериева, истакна дека финансиската писменост во земјата е на ниско ниво, што е дополнителен предизвик, особено во ера на дигитализација и вештачка интелигенција. Зборувајќи за финансиската писменост како основа за носење на паметни одлуки за подобра финансиска иднина Стевковска Штериева истакна:

    „Дигитализацијата и зголемувањето на бројот на онлајн услуги во банкарскиот сектор дополнително ја подигнува потребата од навремена и соодветна финансиска писменост. Покрај тоа во пораст е трендот на намалување на возрасната граница односно младите порано се вклучуваат во финансискиот пазар, преку користење на картички, па како резултат на тоа важно е да добијат соодветна финансиска едукација која ќе им овозможи да носат подобри одлуки. Исто така важен акцент на финансиската писменост станува и одржливото банкарство, со што ќе се намали презадолжувањето“.

    Во рамките на панелот, за активностите на Народната банка во доменот на финансиската писменост се обрати и Елизабета Недановска, менаџер во Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација (ЗПФЕ) во Народна банка на Република Северна Македонија:

    „На интернет страницата на Народната банка постојат материјали од областа на финансиската писменост кои се јавно достапни и се наменети за различни возрасни групи. Покрај тоа Народната банка организира предавања наменети за основно и средно образование, за студенти, професори и други категории. Досега преку овие активности на Народната банка се опфатени 22.000 слушатели со преку 500 едукативни предавања. Народната банка изготвува и други стратешки проекти и работи на нивна имплементација, но исто така работи и на поттикнување на соработка со сите вклучени страни во изготвување на заеднички стратешки проекти.“

    Професорката д-р Душица Стевчевска – Србиноска, вонреден професор и продекан за образование на Факултетот за деловна економија и организациски науки УАКС и визитинг професор на Univerzite d’Angers  во Франција, зборуваше за важноста од поголема институционална едукација и соработка со реалниот сектор, а Ема Арсова, студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје ги истакна најчестите навики на младите и потребата од поголема финансиска едукација во насока на поголема заштита од интернет измами.

    ЕОС Матрикс Македонија, компанија која е водечки финансиски инвеститор за управување со побарувања, како дел од Групацијата ЕОС, спроведува низа проекти базирани на ЕСГ стандардите кои се важен дел од управувањето и креирањето услови за одржлив развој. ЕОС Матрикс е членка на Групацијата ЕОС, која делува на пазарите на повеќе од 20 земји и вработува 6.000 лица ширум Европа. Групацијата има големо искуство во реализација на активности за подигнување на финансиската писменост. Преку проектот за финансиска писменост Групацијата ЕОС досега има вклучено 87.000 ученици во 1.400 училишта во централна Европа.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично