ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ I ЈОАНИС ЦАРАС, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ПРИСТАНИШТЕТО ВО СОЛУН: Треба да имате слободна царинска зона во пристаништето, но најважно е да ја подобриме железничката поврзаност

    Време зa читање: 8 минути

    Форумот за поврзување на Југоисточна Европа, што минатата недела се одржуваше во Солун, беше во знакот на иницијативите за забрзано економско и инфраструктурно поврзување во регионот. Посебен импулс на собирот му даде посетата на македонскиот вицепремиер и министер за инфраструктура, Александар Николоски, кого, освен колегите од грчката влада, министрите Христос Стилијанидес и Христос Стаикурас, срдечно го пречекаа и генералниот директор на пристаништето во Солун, Јоанис Царас, како и претставници на локалните и регионалните власти на градот Солун и регионот Македонија-Тракија.

    Посетата на Николоски во Солун несомнено остави позитивен впечаток, а она што тој го претстави како апсолутен приоритет за новата Влада во Скопје е изградбата на брзата пруга којашто треба да ја поврзе Македонија со Србија и со Грција. Тоа во Солун беше дочекано со голем ентузијазам. За железничкото поврзување, за перспективите на трговската размена на Македонија преку солунското пристаниште, за плановите за проширување, за слободната царинска зона за нашата држава во пристаништето, како и за други важни прашања, на маргините на Форумот Пари разговараше со првиот човек на Пристаништето Солун, д-р Јоанис Царас.

    Господинот Царас е долгогодишен директор на второто по големина и важност пристаниште во Грција – солунското, и добар познавач на можностите во трговијата, транспортот и стопанската соработка во регионот.

    ГЛЕДАЈ ТУКА, ЧИТАЈ ПОДОЛУ

     

    Пари: Господине Царас, вчера се сретнавте со нашиот вицепремиер, кој зборуваше за брза железничка врска на регионот со остатокот од Европа. Солунското пристаниште има директна железничка врска со Северна Македонија, но таа сега не ги задоволува потребите. Што мислите за овој проект и колку е важна модернизацијата на железницата во регионот за олеснување на трговијата?

    Царас: Ова е многу сериозно прашање и се работи за голем проблем. Не само за вас туку и за нас. Освен тоа, имавте проблем и со локомотивите, па затоа најмногу се користеше камионски превоз. Вчера зборував со вашиот актуелен вицепремиер, кој е и министер за транспорт. Тој е многу пријатна личност, и со него дискутиравме за алтернативни начини на решавање на проблемот, на кои би работеле заедно, за да имаме подобра инфраструктура, и, секако, подобар начин да функционираме.

    Вашиот министер ми кажа дека и Северна Македонија многу бргу, веќе за два до три месеца, ќе има неколку нови локомотиви. Порано имавме застои што траеја и по 37 дена, а имаше само два воза. Тоа е навистина премногу. Верувам дека во следниве шест месеци ќе имаме подобри товарни возови и од ваша и од наша страна, и на тој начин нашите клиенти, кои, всушност, ни се заеднички клиенти, ќе бидат позадоволни со побрзиот превоз на стоката. Тоа е најважната работа што мора да ја направиме.

    Пари: Солунското пристаниште опслужи над 16,7 милиони тони товар во 2023 година. Ве молиме споделете со нашите гледачи кои се вашите очекувања за раст во наредните години и кои сектори или пазари го поттикнуваат ова зголемување?

    Царас: Дефинитивно имаме пораст. Неодамна направивме испитување кое покажа дека имаме константен пораст на обемот од 3 до 5 проценти годишно. Се разбира, најголем е порастот на контејнерскиот сектор бидејќи во денешно време најголем дел од стоката доаѓа во контејнери. Одреден пад на обемот има во транспортот на никел поради затворањето на фабриката во Северна Македонија, поради кризата, но, инаку, за сите видови стока имаме постојан раст на обемот на транспорт.

    Пари: Со какви видови товар се ракува на пристаништето сега, и како еволуираше оваа дистрибуција во последниве години? Како очекувате да се промени со зголемените трговски барања во Југоисточна Европа?

    Царас: Со секаков. Пристаништето во Солун е можеби единственото во Грција, и вам најблиско, што ракува со секаков вид товар. Поради ова солунското пристаниште е капија за влез во регионот на југоисточна Европа и мислам дека и досега странските инвестиции во вашата држава доаѓале токму поради близината на пристаништето во Солун, а очекувам и во иднина да доаѓаат поради истата причина. Исто така, очекувам дека и фабриката за никел повторно ќе проработи, како и некои други фабрики, а зголемувањето на обемот на извоз исто така ќе има влијание врз тоа.

    Пари: Кој е обемот на стоки што се ракуваат во Солунското пристаниште што се наменети или потекнуваат од Југоисточна Европа, особено за земји како Северна Македонија и Србија?

    Царас: Тешко е на тоа да ви одговорам поради тоа што ние како компанија сме регистрирани на берзата и не ни е дозволено да излеземе со прецизни бројки, но грубите бројки се дека, во поглед на контејнерската стока за Северна Македонија, нашето учество е меѓу 12 и 15 проценти, во што е вклучена и Србија но со многу ниски бројки, додека што се однесува до друг тип стока, како никелот што го споменав, но и она што доаѓаше од фабрики коишто сега се затворени, додека тие извезуваа, нашето учество беше околу 42 проценти од извозот, додека сега сме паднати на околу 25 до 27 проценти поради ситуацијата што ја споменав. Но, очекувам обемот на извоз повторно да се зголеми за две до три години.

    Пари: Според Вас, како еволуираше улогата на Солунското пристаниште во 21. век и какво е неговото значење за меѓународната трговија сега, особено во Југоисточна Европа?

    Царас: Улогата на солунското пристаниште била значајна уште од најдревни времиња поради географската позиционираност. Разбирливо е дека во 21. век, откако стандардот на околните држави од регионот, нивниот БДП, пораснал, а се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина за сите нас, пристаништето во Солун ќе продолжи да игра значајна улога со тоа што ќе стане регионален центар на трговските активности. Дури и ако не бил досега, ќе биде во иднина, бидејќи ја имаме сета потребна инфраструктура, магацински простор и логистика која ви е потребна вам, или на Србите или на другите држави, како и карго терминали за контејнери коишто ќе бидат наменети за вашата земја, за Србија и дел за Бугарија.

    Пари: Кои би можеле да бидат модалитетите за унапредување на трговијата и зголемување на придобивките за нашите компании – преку формирање слободна економска зона за нашите оператори?

    Царас: Да, секако. И ова е една голема и важна работа за нас. Слободните зони се особено важни бидејќи ги скратуваат, односно ги сведуваат на минимум царинските формалности, а и ни овозможуваат да ги провериме сите карго, сите стоки, пред тие да влезат во дистрибутивниот ланец, и од аспект на безбедноста. Така што, дефинитивно е важна улогата на слободните зони во пристаништето. Ние веќе имаме една голема тука и начинот на кој сега се обидуваме да оперираме со вашата и со останатите околни држави е преку изградба на нов карго терминал со вклучена слободна царинска зона за процедурите да станат многу, многу олеснети со цел да има побрз проток на стоката.

    Пари: Дали нешто веќе е направено во таа насока?

    Царас: Досега не, не со вашата земја. Со Бугарија ја дискутиравме темава, дури и почнавме да работиме на база на пилот-проект. Но, секако, ќе го направиме тоа.

    Пари: Поранешна Југославија имаше слободна царинска зона во солунското пристаниште.

    Царас: Да, постоеше официјална слободна царинска зона на Југославија, за тоа постоеја договори и тоа функционираше многу добро.

    Пари: Кои претстојни инвестиции и инфраструктурни проекти се планирани на пристаништето во Солун и како тие имаат за цел да го зголемат трговскиот капацитет за регионот, особено со растечките барања за увоз-извоз од нашата земја и регионот?

    Царас: Со оглед дека прекуморскиот транспорт доминантно веќе се одвива преку контејнерски сообраќај, и пристаништето во Солун мора да се прилагоди на новите околности, меѓу другото и со проширување и изградба на нови пристанишни докови за прифат на најголемите контејнерски бродови со носивост од 24.000 TEU контејнери. Се работи за наша најголема инвестиција досега, од 200 милиони евра плус опремата, и очекуваме дека за две до три години таа ќе биде готова. Проектот е готов, парите ги имаме, ние сме сега приватен сектор.

    Пари: Пристаништето во Солун е сега приватизирано, така?

    Царас: Да, ние сме сега приватна компанија, така што парите ги имаме, ја имаме и поддршката од банките, плус ќе направиме во внатрешноста на пристаништето подобра мрежа на пруги за да ги исполниме стандардите за кои зборувавме.

    Пари: Дали ќе бидат потребни интервенции во инфраструктурата во однос на градот Солун или веќе имате се што ви е потребно?

    Царас: Не, сè уште не е сè готово. Сакаме пругата да има излез кон друг дел од градот и токму тоа ги одолговлекува работите со овој проблем, бидејќи постапките на надлежните се бавни, а потребно е и да се изработи мост преку пругата, но ни беше кажано дека, додека биде готов новиот карго терминал, за две до три години, ќе биде готов и тој дел.

    Пари: Значи, до 2030 година сите овие инфраструктурни зафати поврзани со пристаништето би биле готови?

    Царас: Дефинитивно, мора да бидат, инаку ќе има проблем. Инаку би можеле да се најдеме во ситуација да имаме контејнерски капацитет од 1,2 или 1,3 милиони TEU, кој потоа би немале начин како да го транспортираме надвор од пристаништето.

    новинар:

    Југослава Дукоска

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично