ПОВЕЌЕ

    ПРЕСКАПИ ПОЛИТИЧКИ ДОГОВОРЕНИ КИЛОМЕТРИ и БРОЈНИ АФЕРИ – „Бехтел“ во регионот под лупата на Форбс Србија

    Време зa читање: 7 минути

    Американскиот градежен гигант „Бехтел“ во последните две децении градеше претежно автопати во регионот. Нивното присуство, сепак, беше проследено со афери и скапи километри, а не учествуваат на тендери, е заклучокот од истражувањето направено од Форбс Србија за присуството и за тоа што работела или што работи американската компанија во овој дел од Европа. Секако, го пренесува и искуството на Македонија, почнувајќи од поставувањето на камен-темелникот и измените на осум закони за да може конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ги извршува работите брзо и ефикасно.

    Според пишувањето, се чини Србија има женска верзија на Артан Груби – поранешната министерка за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ. Во моментов компанијата е повеќе од заинтересирани за изградба на реверзибилната хидроцентрала „Ѓердап 3“, а токму таа „сесрдно им помогнаше да ја остварат таа намера“, затоа што смета дека „Бехтел“ е „најдобрата на светот“, наведува Форбс Србија.

    Сè уште не се знае кој ќе работи на тој проект, но проценката на Форбс Србија, врз основа на претходното искуство, е дека работата ќе ја добие „Бехтел“.

    „Иако нема потврда, циниците би можеле да кажат дека токму поради љубовта меѓу поранешната министерка и нејзината омилена компанија, проектот „Ѓердап 3“ е повторно ставен на маса. Во 2021 година беше прогласен како проект од национално значење.

    Дотогаш, иако овој проект спорадично се споменуваше во претходните 30 години, приоритет имаше хидроцентралата Бистрица, поради многу пониските трошоци за изградба, што се должеше на поедноставната реализација, која во случајот на Ѓердап зависи и од Романија.

    Бехтел неодамна, врз основа на Меморандумот за разбирање потпишан меѓу Владата на Србија и оваа компанија, со свои средства ја финансираше изработката на Прелиминарната физибилити студија. Дали ќе го гради Ѓердап 3 се уште е рано да се каже. Судејќи според искуството со случајот Моравски коридор, логично е дека ќе го направат тоа“.

    Какви се искуствата од земјите во регионот од соработката со американската градежна Компанија?

    МакедонијаВо април лани свечено беше поставен камен-темелникот за изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10 низ Македонија во присуство на вицепремиерот на Северна Македонија и амбасадорот на САД во таа земја.

    За да може конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ги извршува работите на овие патишта брзо и ефикасно, македонските власти се потрудија да ревидираат дури осум законски прописи. Со суспендирање на примената на регуларните прописи им се овозможи да влезат во изградбата на овие патни правци без да поминат низ редовната законска процедура.

    И тоа не е ништо невообичаено, речиси сите земји од овој регион, каде што американскиот гигант изведувал работи, се однесувале на истиот начин.

    Спротивно на она што земјата од која доаѓа оваа компанија го проповеда и во светот и на Балканот, а тоа се јавни покани и отворени тендери кои треба да ја спречат корупцијата и да ја одредат пазарната цена, тие правила не важат за „Бехтел“.

    Генерално, не учествуваат на тендери. Ова е особено случај кога станува збор за помалку развиените земји. Во таа смисла, Србија е исклучок, бидејќи овде се организира некаков вид тендерска постапка.

    Да се ​​вратиме, за момент, на случајот со Северна Македонија. Таму жителите на одредени општини и месни заедници летово протестираа поради изградбата на автопат преку нивните атари, блокираа и некои патишта, а случајот заврши дури и на суд, од кој беше побарано да се воведе привремена забрана за градба бидејќи, како што тврдат, работите се штетни за животната средина.

    ХрватскаХрватската јавност сè уште ја памети аферата во која беше откриено дека изградбата на 147 километри од автопатот, популарен како Далматинa, е платена 990 милиони долари. Исто така, работата е договорена без јавен „конкурс“. Подоцна, тогашниот министер за обнова, Јуре Радиќ, за медиумите призна дека цената можела да биде барем за една третина пониска доколку имало тендер. Причината поради која тоа не го направиле, рече тогаш Јуриќ, е одлуката зацврстувањето на политичките односи меѓу Хрватска и САД да се плати со парите од даночните обврзници.

    Притоа, никој не спори дека „Бехтел“ е познат како квалитетен градежен гигант, односно дека патиштата што ги гради се квалитетни, но само ако сте подготвени многу скапо да платите за нив.

    Романија – И автопатот во Романија оваа компанија некогаш го градеше заобиколувајќи ги тендерските процедури. Поради овој факт реагираше и Европската комисија, пишуваа странските медиуми. Романија е предупредена дека поради прекршување на регулативите во оваа област, ЕУ ќе и ускрати финансиски средства. Сепак, договорот беше потпишан и договорена е цена од 2,2 милијарди евра.

    Десет години подоцна, по низата проблеми со „Бехтел“, романските власти го раскинаа потпишаниот договор. „Бехтел“ ги обвини Романците дека плаќаат бавно, а локалните власти компанијата дека бавно гради.

    За 10 години се изградени само нешто повеќе од 50 километри, наместо над 400. Договорните страни се договорија Романија да плати 1,4 милијарди евра, зголемени за околу 30 милиони, за обесштетување поради раскинување на договорот.

    Тие денови и светските и регионалните медиуми пишуваа за раскинувањето на „контроверзниот договор“ за изградба на автопат низ Трансилванија, кој од самиот почеток се договараше политички.

    Албанија – „Официјалните документи откриени за прв пат докажуваат како лобирањето, лошото планирање, неконкурентните тендери, неуспехот да се постават горни граници на трошоците и напумпаните цени ги оставија албанските и косовските даночни обврзници со сметка од две милијарди евра за само 137 километри пат“, пiшуваше БИРН во 2014 година.

    БИРН понатаму пишува дека овој „патриотски“ автопат што ги поврзува Приштина и Тирана требаше да ги зголеми трговијата и туризмот, но тој раст е повеќе од скромен. Од друга страна, крајните трошоци за патот се најмалку двојно зголемени во однос на првичните проценки.

    „Градежната компанија Бехтел-ЕНКА оствари профит во износ од стотици милиони евра благодарение на, како што тврдат критичарите, договорот кој им бил ‘значително наклонет’, на високите цени и даночните олеснувања“, напиша БИРН.

    Договорот со Албанија е склучен во 2006 година врз основа на брз и лесен тендер. Светска банка упатила приговор дека е недоволно транспарентен и со тоа незаконски. Договорената цена беше само 418 милиони евра.

    БИРН пишува дека американската администрација се обидела да ги „омекне“ приговорите на Светска банка и на ММФ. Во меѓувреме цената пораснала до близу една милијарда евра.

    КосовоЧетири години по Албанија беше потпишан договор и со властите во Приштина за изградба на патни делници низ нејзината територија. И таму трошоците се зголемија од почетните 400 за 102 километри на 838 милиони за 77 километри.

    Во Албанија поради ова беше спроведена обвинителска истрага, но процесот подоцна беше прекинат. Постоеја сомненија дека потписниците ја злоупотребиле службената положба и свесно потпишале неповолен договор со конзорциумот Бехтел-ЕНКА.

    Србија – Бехтел-ЕНКА во Србија во изминатите шест години е вклучен во изградбата на Моравскиот коридор, односно на патот Појате – Прељина. Меморандумот за изградба беше потпишан во 2018 година. Предвидена беше изградба на 112 километри пат, а максималната договорна вредност на работата беше 800 милиони евра.

    За да се избегне класичниот тендер, но и директното договарање на работата, се најде соломонско решение. Беше донесен посебен закон кој дел од медиумите го нарекоа „Закон за Бехтел“. Со него се избегнаа прописите за јавните набавки, но затоа Владата објави јавен повик за избор на стратешки партнер за изградба на овој патен правец врз основа на новоусвоениот закон. Условите на тендерот беа напишани така што дискриминираат кој било друг учесник, па на повикот се јави само споменатиот конзорциум. Со него малку подоцна е склучен договор за градба.

    Оправданоста за изградбата на Моравскиот коридор ја оспори дел од стручната јавност, која смета дека овој автопат не е од приоритетно значење за Србија.

    Со образложение дека има објективни проблеми, но и дека цената на инпутите во изградбата е значително повисока, изведувачот неколку пати го одложува рокот за конечното завршување на патот. Сепак, тоа не е најлошото нешто. Во меѓувреме цената на еден километар од овој автопат поскапе точно двојно. Од 7,1 милион евра на 14,2 милиони евра.

    Како што неодамна објави Фискалниот совет во својата анализа, патот во моментов чини 1,6 милијарди евра наместо 800 милиони. Ниту ова не мора да биде неговата конечна цена. Можно е до крајот на следната година тие трошоци да бидат уште поголеми, се вели во текстот на Форбс Србија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично