ПОВЕЌЕ

    ОД НАС ПОГОЛЕМА ИНФЛАЦИЈА има само Србија

    Време зa читање: 3 минути

    Септемвриската годишна инфлација од 2,6 проценти покажа зголемување во однос на августовската која беше 2,2 проценти. Затоа и на месечно ниво има инфлација која во септември, а споредено со август, е 0,3 проценти.

    Податоците покажуваат дека во септември најголемо зголемување има на трошоците за зеленчук. Тие во однос на август се повисоки дури за 10,7%! Овошјето на месечно ниво поскапело 2,9%, лебот и месото останало на речиси исто ниво.

    Годишната инфлација од 2,6% во економската литература не е загрижувачка. До 3% воопшто и не треба да се реагира. Дури мала инфлација од процент или два се смета за развојна. Но, „гревот“ за сегашната инфлација е што таа постојано од Ковид-пандемијата па наваму се разгоруваше, достигнувајќи во октомври 2022 година високи 19,8% на годишно ниво. Така, сите понатамошни показатели за годишен раст на инфлацијата покажуваат дека цените во продавница драстично се менуваат од она што беа пред неколку години. Калкулаторот на Државниот завод за статистика покажува дека трошоците за живот во септември 2024 година во однос на септември 2020 година се зголемиле за 34,5%.

    „Пари“ направи компаративна анализа: Каде е Македонија во однос на инфлацијата во споредба со другите земји во регионот? Освен во Македонија, само во Словенија е излезена септемвриската статистика за трошоците за живот, затоа споредбата ќе ја направиме со податоците од август.

    Според податоците од националните статистички агенции, во нашето опкружување највисока инфлација тој месец имала Србија, од дури 4,3%, а веднаш зад неа, рака под рака заедно со Црна Гора сме ние – и двете земји имавме инфлација од 2,2%. Хрватска имала инфлација од 1,8 проценти, Босна и Херцеговина 1,3%, а Словенија, традиционално, има најниска инфлација од 0,9%. Септемвриската инфлација на Словенија е уште помала и изнесува 0,6%.

    Пред една недела Евростат објави дека годишната инфлација на еврозоната се очекува да биде 1,8% во септември, што е намалување споредено со 2,2% во август. Значи, Македонија била на рангот со Еврозоната со инфлацијата во август, но таму има знаци на смирување, за разлика од кај нас каде што септември е поскап.

    Разгорувањето на инфлацијата беше причина и за ограничување на маржите од страна на Владата.

    Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, при презентацијата на сработеното во првите 100 дена, изјави дека доколку не се донесеше мерката есенска кошничка и акцијата „Помалку трошоци – повеќе за вас“, цените на храната дополнително ќе се зголемеа.

    „Овие одлуки ги донесовме за заштита на стандардот на граѓаните, бидејќи во минатите месеци Државниот завод за статистика излегуваше со информации дека има раст на цените на основните прехранбени производи. Затоа направивме акциски план со кој ја донесовме есенска потрошувачка кошничка за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да не ги донесевме одлуките, цените на основните прехранбени производи ќе имаа уште поголем раст и инфлацијата ќе беше поголема од 2,6 проценти колку што е сега“ – рече Дурмиши.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично