Колку троши еден Македонец за спортска опрема на годишно ниво? Патики за трчање, копачки за фудбал, тренерки, хеланки, торби за тренинг, опрема за сите видови спортови, се производите коишто десетте специјализирани продавници ги продаваат и прават највисок промет. Спортска опрема од брендовите адидас, најк, пума, саломон, рибок, ипанема, алпина, е дел од нивната понуда, а сè што продале во 2023 година „тежи“ околу 28 милиони евра.
Анализата на податоците за десетте компании бизнис-лидери во категоријата трговија на мало со спортска опрема во специјализирани продавници, што порталот Пари ја направи во соработка со БизнисМрежа.мк, покажува значителни разлики во добивката, приходите и бројот на вработени. А, тоа дава јасна слика кој доминира во овој сектор.
ГОЛЕМА РАЗЛИКА ВО ДОСТИГНУВАЊАТА НА КОМПАНИИТЕ
Една компанија покажува значително поголем приход во споредба со останатите. На врвот од листата според приход за 2023 година е скопската компанија Спорт М, чија основна дејност е увоз, дистрибуција и продажба на спортска опрема. Со 23 продавници на територијата на Македонија, Спорт М остварил промет во вредност од 15,8 милиони евра, што е за 10,79 насто повеќе од 2022 година.
Следна компанија на листата чијшто прилив е убедливо понизок од прворангираната, но сепак не е за занемарување, е Мегаспорт. Оваа компанија е основана во 1974 година под името Словенија спорт и во тој период била водечка компанија за спортска опрема во Југославија. Мегаспорт остварила промет од 3,5 милиони евра и има пад од 15,51 насто во однос на преклани.
Со остварени 1,9 милиони евра промет, прилепската спортска продавница Лукас се најде на третото место во оваа категорија, со раст од 11,60 насто во споредба со 2022 година.
Забележлива е голема разлика во достигнувањата на компаниите, особено меѓу прворангираниот и последните неколку компании. Приходите се во распон од близу 500 илјади до речиси 16 милиони евра.
Извор: БизнисМрежа
НАЈНИСКИТА ДОБИВКА ‒ 36 ИЛЈАДИ ЕВРА
Бизнис-лидерите рангирани во оваа категорија минатата година ја завршиле со добивки што се движат од 36 илјади до над 550 илјади евра. Првите три спортски продавници во категоријата приходи, повторно ги заземаат првите три места и во категоријата добивки. Челната позиција повторно припаѓа на Спорт М – чија добивка е 551 илјади евра. Потоа следи Мегаспорт со 236 илјади евра. Треторангираната компанија Лукас од Прилеп направила заработка од 173 илјади евра.
Во втората половина од табелата се позиционирани компаниите со помали профити, под 100 илјади евра, но сепак доволно високи за влез во првата десетка.
Од податоците може да се заклучи дека на последно, десетто место по профит е компанијата Векон Инт ДООЕЛ од Скопје со добивка од 36 илјади евра, драстично помала од прворангираната Спорт М.
Извор: БизнисМрежа
ВО ДЕСЕТТЕ ФИРМИ ПЛАТА ИМА ЗА 366 ЛИЦА
Кај десетте бизнис-лидери во трговија на мало со спортска опрема во специјализирани продавници платата ја заработуваат вкупно 366 лица.
И во оваа категорија првите три места ги заземаат истите компании од претходните категории.
Најголем работодавец е Спорт М. Оваа фирма ангажирала 186 вработени. Во Мегаспорт плата заработуваат 88 лица.
Останатите од оваа листа имаат значително помал број вработени. На трето место е Лукас со 20 вработени. Работата кај другите фирми ја вршат од 6 до 13 вработени. Оттука може да се заклучи дека ефикасното функционирање на оваа дејност не бара ангажман на бројна работна сила.
Извор: БизнисМрежа
Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска