„Заузданата инфлација, очекувањата за намалување на каматните стапки, вербата во трансформациската моќ на вештачката интелегенција, но и континуираниот страв од можна рецесија и се потурбулентната геополитика, се хетерогени вектори чии влијанија секојдневно се испреплетуваат на берзите“, го започна говорот на годишната 23. конференција на Македонска берза, Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза.
Тој посочи дека и покрај негативните осцилации кај нас, но и на глобално ниво, цените на акциите дополнително значително се зголемени и на многу берзи се постојано на високо ниво.
Дали постигнатите пазарни валуации се одржливи и каков ќе биде идниот тренд, дали има простор за понатамошен раст на ливидноста, што сето ова значи при носење на одлуките на постојните инвеститори и колку привлекува нови – тоа се прашања што легитимно моментaлно се поставуваат на сите берзи – локално, регионално и глобално, Штериев вели дека одговорите, секако, никој не ги знае со сигурност, а единствениот што ги знае, и не ги кажува однапред е „господинот Пазар“.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОМЕТОТ ОД НАД 67% ВО СПОРЕДБА СО ЛАНИ
Брокерите и фонд менаџерите генерално не биле оптимисти за 2024 година, но сепак крајниот резултат, после девет месеци, е повеќе од задоволителен. Заклучно со 16 септември, вкупниот промет на Берзата по сите основи изнесува околу 99 милиони евра, што е зголемување во споредба со првите девет месеци од 2023-та од над 67%. Класичното тргување со акции и со обврзници изнесува 76,6 милиони евра, односно веќе сега e дури 63% повеќе од целокупниот лански промет во БЕСТ. Притоа, во БЕСТ системот просечно дневно се склучувале 90 трансакции (наспроти 46 во 2023 година), а просечниот дневен промет е околу 445 илјади евра (2023: 182.000). Индексот МБИ 10 на годишно ниво повторно бележи голем плус од 41%.
„Изминатиот период, како што е познато, заедно со консултанти обезбедени преку Европската се работеше на изготвување на среднорочна Стратегија за развој на Македонска берза АД Скопје. ЕБРД е најголем поддржувач на Берзата од редот на меѓународните финансиски институции во последната деценија и за тоа сме повеќе од благодарни. Финалната верзија на Стратегијата ни беше доставена ова лето. Консултантите, меѓу другото, релативно брзо заклучија дека имајќи предвид што се е преземено во минатото, како од самата Берза, така и на ниво на цел систем, а во услови на објективните ограничувања и големина на домашната економија, нема брз рецепт за поинтензивен нов развој“, посочува Штериев.
За вообичаените препораки, како што се воведување или подобрување на системот за тргување, надминување на некои големи проблеми во регулативата или менување на одредени оперативни практики, вели Штериев, според нив, во нашата ситуација нема голема реална потреба.
Оттука, Стратегијата како примарни развојни приоритети ги посочува идниот развој на т.н. Пазар на растечки компании и поактивното инволвирање на Берзата и нејзините членки на примарниот и секундарниот пазар на државни обврзници.
„Новите котации на Берзата се повеќегодишен сон и предизвик за сите на пазарот. За да имаме успех со новиот Пазар на растечки компании, што сигурно ќе го формираме во блиска иднина, ќе биде потребна поддршка и проактивност на сите чинители. На пат сме да обезбедиме и нова конкретна поддршка од ЕБРД за ова. Што се однесува до пазарот на државни обврзници, и примарен и секундарен, можеме само уште еднаш да кажеме – Берзата и нејзините членки сакаат и се нудат да бидат максимално инволвирани овде“, укажува Штериев.
Оттаму тој додава дека во мали земји, како нашата, секое специјализирано и ретко know-how има мултиплицирана вредност. Нашето кумулирано знаење за организирање различни типови аукции и секундарно тргување со разни финансиски инструменти, канали за промоција и посветеност можат и тоа како да придонесат за дополнително популаризирање на вложувањето во државни обврзници од различни инвеститори, со посебен акцент на граѓаните.
„Нашиот пазар, иако веројатно најразвиен во регионот на Западен Балкан, е плиток – нема многу инструменти и се темели на мал број воглавно домашни инвеститори. Ова ја детерминира неговата физиономија и пазарните движења. Нашата развојна карта беше и е интеграцијата со берзата од Загреб“, вели директорот на Берза.
Тој додаде дека претстои процес на имплементирање и усогласување со новата законска регулатива во областа на хартиите од вредност, усогласена со европските директиви. И после многу години во најава, истата се донесе во март оваа година.
„Ако се има предвид искуството на другите регионални пазари од државите што се веќе членки на ЕУ, станува збор за тектонска промена што го трансформира националниот пазар. Сепак, се чини дека одложеното стапување во сила на двата нови закони и предвидениот дополнителен едногодишен период за усогласување, како да придонесоа ова да не биде приоритет над приоритетите на пазарните учесници“, вели Штериев.
Тој е дециден дека сите субјекти кои ги тангира новата легислатива треба сериозно и навремено да се преиспитаат за да бидат целосно подготвени за нејзина имплементација, да се види дали можеби ќе има потреба од некое фино подесување на било кој дел од новата правна рамка и дали моментално предвидената динамика е остварлива. Се со цел да не се предизвикаат некои несакани последици на пазарот или истата да стапи во сила само на хартија.
НЕДОСТИГ НА „СВЕЖА КРВ“ Е ДЛАБОК ПРОБЛЕМ
Штериев го посочува проблемот со стареење на инвеститорите и учесниците на македонскиот пазар, проблем со недостиг на „свежа крв“ кој се продлабочува.
„Според податоците од ЦДХВ над 83% од постојните 61.000 акционери, домашни физички лица, се со старост над 50 години, а над 67% се над 60 години. Само 21% од куповните трансакции на Берзата во периодот Јануари 2023 – Август 2024 година се направени од домашни физички лица под 40 години. Помладите луѓе, кои имаат вишок за инвестирање, не се многу присутни на Македонската берза. Вложуваат надвор, сметајќи дека тоа е повеќе “in”, поедноставно и поисплатливо. Нема прилив на нови млади брокери и инвестициони советници“, укажува Штериев.
А сето ова значи дека перспективно нема кој генерациски близок да зборува со потенцијалните млади инвеститори, но и со втората генерација сопственици која полека го презема управувањето во успешните фамилијарни фирми. Ова се состојби кои не се добри., потврдува Штериев.
“Јасно е дека мал пазар како нашиот не им е многу атрактивен на младите за инвестирање и за правење кариера, но дел од нив сепак веројатно можеме да ги анимираме. До крајот на годината Македонска берза ќе започне со одредени активности во овој правец. Ги повикуваме и сите други пазарни учесници и институции да ни се придружат. Одредени иницијативи веќе им претставивме неодамна. Подмладувањето на пазарот во сите негови сегменти е conditio sine qua none за негов суштински развој“, вели директорот.
ПОСЛЕ ПОДОЛГО ВРЕМЕ НОВА ЧЛЕНКА НА БЕРЗАТА
Освен добрите овогодишни ценовни перформанси и промет, состојбите на пазарот ги карактеризира и едно навистино променето окружување, во позитивна смисла.
„После подолго време конечно ќе имаме нова членка на Берзата, а кај една од постојните, по се судејќи, почнува процес на квалитативна сопственичка трансформација. Тоа ќе ја зајакне конкуренцијата што е по default добро. Се надеваме дека финансиските посредници нема – како во 2007-ма – да го гледаат само краткорочниот профит и да не мислат на идниот развој. На нашиот пазар, за навистина да влезе во нова етапа, му требаат сериозно поголеми и подиверсифицирани финансиски посредници. Само така и ние ќе добиеме прво ИПО и ЕТФ (а не само да зборуваме за нив), компаниски анализи и инвестициски препораки, поразвиен weаlth management, corporate advisory итн.“, истакнува Штериев.
Воедно, додава тој, на и околу пазарот е оформена определена критична маса на активни домашни инвеститори и опсервери. Нивниот број не е преголем, но е значително поголем од порано и тоа е добредојдено.
„Социјалните мрежи се измислени за индивидуални професионални или помалку професионални анализи на компаниските и пазарните случувања. Информацискиот шум е неминовност на модерната секојдневница, со сите позитивни и негативни импликации од тоа. Веројатно најслаба карика во нашиот екосистем остануваат да бидат компаниите, односно нивната незаинтересираност (а понекогаш и аверзија) во поглед на пазарното финансирање“, објасни директорот на Берза.
Поради тоа планот на Македонска берза е во блиска иднина да го надгради БУМ клубот со уште една компонента – покрај компаниите во неговата работа да се вклучат и вакви профили на експерти и фирми.