На 25 септември 2024 година уставните судии ќе гласаат за една од двете можности кои се дадени во рефератот на судијата известител околу тоа дали Измените на Законот за облигациони односи со кои застарува извршувањето по 10 години се уставни. Деветте судии ќе мора да изберат дали Измените ќе се поништат или ќе се укинат.
Ова гласање е финалето на поведената постапка на 20.06.2024 со која Уставниот суд ги стави под сомнеж уставноста на измените.
Каков и да биде исходот од гласањето дали измените ќе се поништат или укинат, тоа значи дека застарување на извршувањето веќе нема да важи.
Разликата меѓу двете опции за кои ќе се гласа, за поништување или за укинување е во тоа што ако се одбере правата опција, поништување на измените, тогаш оштетените страни ќе имаат право на ем обештетување поради одредбата за застарување на извршувањето ем нема да постои застарување, додека ако само се укинат измените, тогаш се враќа на сила стариот закон и само нема да постои застарување по 10 години.
Единствени опција да се одложи гласањето е ако некој судија побара запирање на постапката поради нови елементи во предметот или одложување поради отсуство на судии. Но, ова се исклучително ретки можности.
Одлуката за укинување или поништување на застарувањето на извршувањето е епилог на скоро едногодишната борба на адвокатите, компаниите, стопанските комори за да се преиспитаат измените кои ги донесе Собранието лани во јули и тоа спротивно на мислењето на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски од СДСМ, која сметаше дека пратениците од СДСМ и ДУИ со предложените измени воведуваат правна несигурност во државава. Исто така, дел од граѓаните ќе можат да ги наплатат долгорочните свои побарувања.
Горан Теменугов