Основното право на секое дете да има еднаков пристап до квалитетно образование, што значи да има и учебник за секој предмет што го учи, е нарушено.
Неколку години по ред новата учебна година почнува со старите болки – за кого ќе има учебници, за кого ќе нема, за кои предмети ќе мора да се учи од помошни материјали, чија е одговорноста за доцнењето на учебниците и за несоодветната политика во вреднувањето на трудот на наставниците.
„Помошните материјали за учење не се ни одблизу како учебниците, немањето учебници и соодветни материјали ни носи неписмени генерации. Со импровизации не може да се обезбеди квалитетно образование. Потребен ни е стабилен систем кој нема да се менува на неколку години, а квалитетните учебници се една од алката за градење на квалитетно образование“, ова се сублимираните реакции од родители кои веќе со години се борат со проблемите во образованието.
Помошните материјали се само извадоци од некој учебник и само се крпат празнините кои произлегоа од новата концепција во образованието. А, само времето ќе покаже колку сме ги осакатиле учениците со т.н. квалитетни знаења од импровизирани материјали.
Оваа година Владата во нејзината програма се обврза за учебната 2024/2025 година навремено да ги достави подготвените учебници до учениците. Но, сепак, на крајот излезе дека нема да има учебници по странските јазици.
Образованието е најважниот општествен сегмент кој со децении е оптоварен со големи проблеми и недоречености, што посебно доаѓа до израз последниве години. Интересот на јавноста е огромен, затоа што иднината на младите зависи од тоа какви знаења ќе стекнат, кој ги учи и дали учебниците (тие што ги има) се квалитетни за да можат да ги прошират нивните видици. Порталот Пари разговараше со неколку соговорници упатени во овој сектор со цел да дадат одговори за оваа проблематика.
РЕВИЗИЈА НА НАСТАВНИТЕ ПРОГРАМИ
Од Министерството за образование и наука за порталот Пари велат дека учебникот е основно помагало за совладување на наставната материја и недозволиво е да не постои, односно да не им биде достапен на учениците.
– Новото раководство затекна лоша ситуација во основното и средното образование кога се во прашање учебниците, па и повеќе други аспекти. Во изминатите два месеца беа набавени и испечатени сите одобрени учебници и наставни материјали кои се во форма на учебници и се навистина квалитетни. Историја и општество за петто и шесто, историја и географија за седмо, јазик и култура на заедниците и така натаму. Во средното образование за првпат беа испечатени над 100 нови учебници. Испорачани се над 360 илјади примероци од сите учебници и училиштата подготвени ги пречекаа учениците. Единствено недостасуваат учебници по странски јазици и тоа веќе петта година по ред. Претходното раководство ја отпочнало и поништило постапката за набавка која сега е во жалбена фаза – објаснуваат од МОН.
Оттаму се децидни дека по завршување на постапката, ќе биде повторно објавена и спроведена во согласност со законските прописи и целосно транспарентно, и за следната учебна година сите учебници по странски јазици ќе бидат обезбедени.
– Наставните програми по странски јазик и воопшто сите наставни програми по кои се учи во Македонија објавени се на веб – страницата на Бирото за развој на образованието кое воедно е надлежно за нивна изработка. Министерката најави ревизија на наставните програми во седмо, осмо и деветто одделение, со цел, првенствено наставниците да го кажат своето мислење што недостасува или треба да се промени за да се подобри наставата и начинот на пренесување на знаењето на децата. Овој процес е во тек – упатуваат од Министерството за образование и наука.
НЕМА КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ БЕЗ КВАЛИТЕТНИ УЧЕБНИЦИ
„Учебниците се производ на труд и знаење на учени луѓе, исклучително важни помагала за совладување на наставните предмети. Покрај научниот стил, даваат и естетско задоволство, од нив се расте и развива интелектуално.“, вака го започна разговорот со нас професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Татјана Алексиќ.
Таа вели дека еден темелно прочитан и разбран учебник е цело богатство, жив културен споменик во умот на ученикот.
– Недозволиво и неодговорно е да се започне учебната година без учебници, како што беше минатата година со учебниците од основно образование. Секако дека товарот падна врз наставниот кадар кој се снаоѓаше како умее и знае, а учениците беа колатерална штета на непрофесионалните кадри, директно одговорни за ненавремено печатење учебници – укажува Алексиќ.
Наставниците може да предаваат креативно осмислен наставен материјал со личен, индивидуален пристап за совладување, додава профсорката, може да диктираат одредени поенти, задачи, заклучоци и решенија во скратена форма, може да импровизираат до 101, да пуштат на час снимен материјал, компјутерски разработки и презентации.
– И сето тоа е во ред, но ученикот мора пред себе да има учебник кој што ќе го користи цела наставна година, затоа што не секогаш е присутен на час, затоа што не секогаш може сѐ да разбере на час, а и да разбере треба да повтори за да не се заборави. Да не ги заборавиме и децата со посебни потреби на кои што им се неопходни електронски учебници. Нема квалитетно образование без квалитетни учебници. Училница без учебници е обична слушалница – појаснува професорката Алексиќ.
На прашањето каков ефект има учењето од импровизирани материјали врз знаењето на учениците, таа децидно одговара – „Краткорочен ефект!“.
– Импровизација на знаење е невозможно, знаењето е одговорност и темелност, неотуѓив капитал. Брзото и површно учење, бргу се заборава. Така е и со брзите компјутерски информации, траат колку и кликот врз нив. Звучи иронично, но колку што имаме побогат избор и можности, толку сме посиромашни со знаење и вештини! – укажува Алексиќ.
Како што се сеќава таа, во времето на едноумието, во оној ,,никаквец од социјализам”, со генерации и генерации се учело од едни те исти учебници, едни те исти во сите можни училишта… Исти, но секому достапни учебници.
НАСТАВНИЦИТЕ ПО СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ САМИТЕ ГИ ПЕЧАТАТ МАТЕРИЈАЛИТЕ ОД СОПСТВЕНИТЕ ПОТПРОСЕЧНИ ПЛАТИ
– Би сакала да го започнам разговорот со една изјава на Нелсон Мендела „Образованието е најмоќното оружје кое може да го промени светот ”. Но, дали ова се однесува за нашето образование? Дали нашето образование може да ја унапреди и промени нашата држава? – објаснува наставничката по англиски јазик во основното училиште „Климент Охридски“, Валентина Кикеркова.
Според неа, за проблемот со кој се соочуваат сите наставници и професори, во последниве години во обрзованието се прават постојани промени на програмите кои траат по неколку години, кои со секоја промена на владите се менуваат. А, тоа се најчесто експериментални програми копирани од други држави без да се согледа нивнана применливост во нашиот образовен систем.
– Се додаваат нови предмети и плус часови без да се води сметка за реалните капацитети на нашите училишта. Се скратуваат часови од важните предмети како мајчин јазик, математика и странски јазик. Посебно треба да се осврнеме за квалитетот на учебниците кои најчесто се преводи од странски издавачки куќи. За кој сигурно се платени огромни суми на народни пари за авторски права и преводи – укажува Кикеркова.
Новата влада како што ветуваше во нивната програма, истакнува Кикеркова, се обврза да ги достави сите потребни учебници до почетокот на училишната година. Но ова ветување не се оствари, а од ветувањето беа исклучени учебниците по страските јазици.
– Ние сме релативно мало подрачје за големите издавачки куќи кои се специјализирани за изработка на учебници за изучување на странските јазици. Тие издавачи се од Обединетото Кралство, Германија или Италија. Кај нас не постојат тимови кои би се нафатиле да изработат учебник за изучување на странски јазик. Сето тоа се должи можеби на незаинтересираноста на нашите наставници да се зафатат со таква задача. Честопати можеби постои и сомнеж кај наставниците од појава на непотизам во селекцијата на бирање на автори кои би се нафатиле со изработка на учебници, како и појава на сомнеж од постоење на лични интереси чиј учебник ќе биде прифатен – објаснува наставничката од основното училиште.
Како што вели таа, според инструкциите на Бирото за развој на образованието, наставниците по странскте јазици се принудени да работат според програмата без учебници и самите истражуваат по интернетот да наоѓаат соодветни текстови, вежби, наставни ливчиња за чие печатење се приморани да даваат пари од сопствените потпросечна плати, се со цел да се обезбедиза успешни реализирање на програмата. Иако националнате асоцијација ЕЛТАМ МК беше на разговор со Министрката за образование Весна Јаневска и даденото ветување дека дури од следната година ќе се обезбедат учебници. На наставниците по странски јазици им преостанува да се држат за ветувањето на министерката Јаневска.
Катерина Михајлова
Со овој текст, порталот Пари се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.