ПОВЕЌЕ

    АКО Е ПОТРЕБНО – ТОГАШ ДА СЕ ОГРАНИЧАТ МАРЖИТЕ, а не да се замрзнат цените на производите

    Време зa читање: 5 минути

    Владата размислува за ограничување на цените на прехранбените производи откако трговците истакнаа дека не се подготвени да почнат да го применуваат Законот за забрана на нефер трговски практики од 28 септември. Трговците изјавија дека е краток периодот за да се приспособат на Законот со кој треба да се намалат профитните маржи на над 2.500 производи на максимум 10 отсто.

    Од Владата дополнително истакнаа дека ако трговците не се откажат од високите маржи и доброволно не ги поевтинат прозиводите – мерка на замрзнување на цени и органичување на маржи, мора да се примени.

    Но, се поставуваат прашањата колку ваквите мерки за замрзнување на цените може да траат до недоглед, дали може да доведат до нарушување на пазарот во вид на намалување на квалитетот и недостиг на производи на пазарот? Колку законот за забрана на нефер трговски практики може да донесе ред и да ги намали цените кај производите?

    Кој е најголемиот недостаток на Законот за забрана на нефер трговски практики?

    Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавци на Македонија, Законот за забрана на нефер трговски практики треба да воспостави одреден ред во синџирот на снабдување со земјоделски производи.
    -Факт е дека до сега откупувачите и трговците ги ставаа земјоделските производители во подредена состојба според правилото земи или остави. Прво ќе мора да се склучи писмен Договор за снабдување со земјоделски и прехранбени производи, во кој ќе се регулираат односите помеѓу производителот и купувачите што досега не беше пракса. По тоа се забранува откажување на нарачките и менување на условите од договорите  и одредени надоместоци кои трговците ги бараа, како за внесување на нов производ или, пак, за истражување на пазарот и други „финти“ кои трговците ги користеа за сметка на производителите – објаснува Димитров.
    Како што вели тој за порталот „Пари“, голем недостаток на законот е контролата и надзорот кој е предвидено да го прави комисијата за заштита на конкуренција, која нема доволно капацитети да го контролира спроведувањето на еден ваков закон. Поголема надлежност врз спроведувањето на овој закон треба да има пазарниот инспекторат кој е секојдневно на терен и има подобар увид во состојбите.
    -Законот можеби нема многу да ги намали цените на земјоделските производи, но ќе обезбеди пофер услови за земјоделците, што треба да го поттикне земјоделското производство кое е во опаѓање – посочува Димитров.

    Решението не е замрзнување на цените

    Иминативе денови главна дискусија беше најавата на Владата за ограничување на цените на основните прехранбени производи. Економските експерти сметаат дека  мерката за замрзнување на цените нема да даде резултати на долг рок.

    -Македонската економија е многу мала и немаме вистинска конкуренција во многу области, што дозволува одредени монополски однесувања, но решението не е замрзнување на цените. Треба да видиме какви резултати ќе даде Законот за нефер трговски практики, добро да ја изанализираме состојбата и ако е потребно да се реагира со ограничување на маржите, а не со замрзнување на цените. Никој не можете да го натерате да работи со загуба. Трговците прво ќе ја ограничат продажбата на производителите од кои немаат профит, а потоа потполно ќе се откажат од нивната продажба. Државата има на располагање и други мерки како интервентен увоз од странство, пуштање од државните резерви, па ако е потребно и државни откупни центри и продажба на големо, само да се ограничи моќта на трговците – потенцира Димитров.

    Потребни се мерки на монетарна и фискална политика

    Универзитетскиот професор Зоран Ивановски во разговор за „Пари“ запраша зошто регулирање на цените со Закон и со други форми на државна регулација се прави само на прехранбените производи?

    -Сведоци сме на енормен и неоправдан раст и на цените на станбениот квадрат, па државата не интервенира, дури напротив, преку своето јавно претпријатие ги следи пазарните трендови и влијае на растот на цените – истакнува Ивановски.

    Според него, државната регулација на цените и маржите е мерка која е карактеристична за планските и државно регулираните економии, кои се спротивни на пазарната логика.

    Во економската наука и практика е познато дека за одржување на ценовната стабилност првенствено се користат мерките на монетарната политика, а секако и на фискалната.

    -На пример, порастот на каматите на благајничките записи и нивна понуда на пошироката јавност без сомнение ќе влијае на намалување на количеството на пари во оптек, а со тоа ќе создаде и притисок на намалување на цените во економијата (дури и на становите). Се разбира, мерките на монетарната политика имаат „одложено дејство“, така што нема брзи резултати, но заради тоа треба да биде следена од мерките на фискалната политика, каде со интервенцијата од државните резерви може да се влијае на намалување на цените на главните прехранбени производи – ни објасни Ивановски.

    Наспроти тоа, како што вели тој, државната регулација само ќе влијае на зголемување на администрацијата које ќе треба да ги контролира сите економски оператори (што е „невозмножна мисија“) и ќе креира поволен амбиент за други „аномалии“.

     

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично