Против Џејмс Катфилд (51), капетанот на луксузната јахта Баезијан, којашто потона во близина на Портчело крај брегот на Сицилија минатата недела ќе биде покренато обвинение за убиство од небрежност и бродолом од небрежност, објави италијанското обвинителство.
Катфилд беше шеф на екипажот на едрилица долга 56 метри, со алуминиумски јарбол висок 75 метри – највисокиот од ваков вид во светот, која минатиот понеделник се преврте во жестоката бура, при што загинаа шест патници, вклучувајќи го и британскиот технолошки тајкун Мајк Линч и неговата 18-годишна ќерка Хана. Останатите жртви се директорот на Morgan Stanley International Џонатан Блумер, истакнатиот американски адвокат Крис Морвило и двете нивни сопруги – Џуди Блумер и Неда Морвило. Крис Морвило, партнер во Клифорд Ченс, беше вклучен во успешното завршување на случајот за измама во САД против Линч во јуни, како и готвачот на јахтата, Рекалдо Томас.
„МНОГУ СЕ ГОРДЕЕШЕ СО ЈАХТАТА“
Катфилд и уште 14 луѓе го преживеаја потонувањето, вклучувајќи ја и сопругата на Линч, Анџела Бакарес.
Нејзиниот покоен сопруг многу се гордееше со неговата јахта, изјавил член на персоналот за лондонски Тајмс. Семејството Линч/Бакарес било на јахтата со седум гости, а биле закотвени блиску до брегот кога во неделата, на 18. август удрила бура во текот на ноќта. Лошото време вклучувало „воден вител“, вртлив столб од воздух и вода сличен на торнадо, што предизвикало бродот да се преврти и потоа брзо потоне под вода.
Иако се смета дека временскиот феномен познат како воден вител – еден од неколкуте видови торнада – ја превртел јахтата, италијанските власти истражуваат дали дејствијата на екипажот и нивното ракување со бродот придонеле за смртоносното потонување.
Катфилд, роден во Нов Зеланд, не е во притвор, според италијанските обвинители, но тој не може да ја напушти земјата додека трае истрагата. Според Ројтерс, поморското право му дава целосна одговорност на капетанот за бродот, екипажот и сите на него.
Загинатите најверојатно спиеле за време на невремето, изјави обвинителот викендот, поради што не можеле да побегнат. Во саботата, обвинителот и шефот на тимот за опоравување на противпожарната бригада изјавија дека пет тела биле пронајдени во иста просторија на бродот, што можеби значело дека тие барале воздушен џеб откако бродот потонал.
КАКО ПОТОНА „НЕПОТОПЛИВАТА ЈАХТА“?
Инспекторите предупредија дека околностите за потонувањето остануваат главно нејасни, вклучително и дали има црна кутија на бродот и дали некои од капаците на бродот се оставени подотворени – што би објаснило зошто потонал толку брзо.
Извршниот директор на фирмата што е сопственик на производителот на бродот, The Italian Sea Group, тврди дека јахтата е „непотоплива“. Џовани Костантино изјави за Скај њуз дека едриличарските бродови се „најбезбедни во најапсолутна смисла“.
Екипите за спасување се очекува да го подигнат бродот Bayesian, именуван по статистичката теорија врз основ на која Линч ја изградил својата компанија и го стекнал своето богатство, во наредните недели. Според италијанскиот закон, трошоците за подигање и спасување на бродот паѓаат на товар на сопственикот на бродот.
Бидејќи компанијата на Бакарес е сопственик на бродот, тие мора да најдат компанија за спасување и да го извадат бродот, кој потоа ќе им биде предаден на италијанските власти како дел од истрагата, изјави во саботата главниот обвинител Амброџо Картосио. Откако јахтата ќе биде извадена од морското дно, истражителите ќе утврдат дали капаците биле отворени за време на бурата, додаде Картосио.
Италијанските обвинители ќе испитаат и дали главниот за посадата на бродот бил на мостот кога бродот потонал и дали некој се обидел да ги предупреди патниците за непосредна опасност.
„Не очекувавме ова да се случи“, изјавил капетанот на потонатата јахта Баезијан за италијанските медиуми, алудирајќи на невремето, во неговиот единствен јавен коментар досега. Меѓутоа, проблемот е тоа што многу други виделе, пишува Би Би Си. Прогнозите предвидуваа силни ветрови и дожд, по деновите на силни жештини.
НЕПОДГОТВЕНИ ЗА НЕВРЕМЕТО
Газдата на компанијата што го изградила бродот Баезијан, Џовани Костантино, за Би Би Си изјави дека е убеден дека имало низа грешки на бродот. „На задниот дел од бродот, отворот мора да бил оставен отворен“, рече тој, „но можеби и страничниот влез, поради што навлегла вода внатре“.
„Пред бурата, капетанот требало да го затвори секој отвор, да го подигне сидрото, да го вклучи моторот, да го насочи бродот кон ветрот и да ја спушти кобилицата. Кобилица е голем дел од чамецот, налик на перка, кој излегува од неговата основа“.
„Тоа би го стабилизирало бродот, тие би можеле да ја поминат бурата и да го продолжат своето крстарење со удобност“, рече тој.
Наместо тоа, спасувачите ги пронајдоа остатоците на Баезијан на 50 метри под вода со крената кобилица долга речиси 10 метри.
Да беше поставена како што треба, кобилицата можела да помогне да му се спротивстави на ветрот што го зафатил алуминиумскиот јарбол на Bayesian висок 75 метри и да го одржи бродот стабилен. Но, без неа, експертите за весникот La Repubblica изјавија дека налетите од 100 километри на час би биле доволни за да се преврти бродот – а невремето во понеделникот далеку го надмина тоа.
„Baesian беше модел за многу други бродови поради својата стабилност и исклучително високи перформанси“, рече г-дин Костантино. „Немаше апсолутно никаков проблем со тоа. Ако водата не навлезела, таа не можела да се потоне“.
Според Константино имало 16 минути помеѓу снемувањето на струја на бродот во 03:56 – што покажува дека водата ги поплавува областите со електрични кола – и губењето на GPS сигналот, што укажува на моментот кога потонал. Тој период, заедно со сите мерки преземени за ублажување на екстремните временски услови, ќе бидат клучен во разгледувањето на деталите од страна на истражителите, особено откако ќе ја лоцираат црната кутија на бродот.