Исплата на пензиите по „ново“ им претстои на пензионерите, по усогласувањето со просечната плата и со трошоците за живот, што сега носи плус 5,3 проценти. Тоа значи дека најниските примања од 12.528 денари ќе бидат дополнети со 664 денари, кои ќе се најдат на сметките од 2.545 пензионери. А, оние корисници, кои во текот на работниот стаж имале високи примања, за кои биле плаќани високи придонеси, ќе добијат повеќе. На оние 19 пензионери со највисоката пензија од 76.035 денари, усогласувањето им носи 4.029 денари.
Групата со најниски законски предвидени пензии брои 86.497 пензионери. Тоа е нешто помалку од една четвртина од сите пензионери во државата – 337.106 според јануарската статистика на ПИОМ. Нивните примања се во распон од 12.528 до 16.058 денари. За оваа највисока сума меѓу најниските, процентите на усогласувањето ќе значат дополнителни 851 денар.
Пресметките покажуваат: пензиите од 20.175 денари ќе нараснат за 1.069 денари, од 31.859 за 1.688 денари, од 54.588 за 2.893 денари.
Инаку, над овој износ од 54.588 денари се пензиите што ги примаат 2.688 лица.
Ова се ефектите од новата методологија, која предвидува две усогласувања годишно. Наредното ќе биде на први септември. Податоците од ПИОМ покажуваат дека откако е почната нејзината примена, пензиите се поместувале – во 2022 првиот пат за 2,9%, вториот за 6,8%, а во 2023 – за 8,4 и за 5,3 проценти.
За опозицијата, пензионерите најмногу ги чувствуваат штетните последици од владеењето на актуелната коалиција, па на повеќето од нив пензиите не им се доволни за храна и сметки, а камо ли за лекови. Министертот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, за „Сител“ изјави – веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, методологијата ќе биде сменета, а порастот на пензиите ќе е линеарен.
Од СДСМ, пак, нагласуваат дека во изминатиот период ги зголемиле пензиите во просек за 6.400 денари, а минималната пензија за 50 насто. „Знаеме дека тоа не е доволно и со СДСМ пензиите ќе продолжат да растат“, велат од партијата.
Додека партиите ветуваат, стручните анализи предупредуваат дека зголемувањето на пензиите може да го дестабилизира пензискиот фонд, но и да се одрази негативно врз државната каса, од каде што редовно се црпат средства со кои се субвенционира исплатата на пензионерските примања.