Депозитите во септември се зголемени за 8,9 проценти на годишно ниво, а кредитите за 5,8 насто. Растот е стимулиран и од корпоративнот сектор и од домаќинствата. Сепак, уделот на граѓаните е поголем и во двата сегменти. Ова се сознанијата пласирани во последниот извештај на Народната банка за монетарните движења во деветтиот месец од годинава.
Од аспект на месечното движење, кај вкупните депозити има мало намалување од 0,2 отсто, кое како резултат му се припишува на влијанието од страна на компаниите. Кредитите, пак, во септември забележале зголемување од 0,4 насто. За месечниот пораст позначајно е учеството на корпоративниот сектор.
Изразено низ бројки – вкупните кредити се во износ од 436,461 милион денари или над седум милијарди евра. Компаниите должат 3,38 милијарди евра (208,347 милиони денари), а граѓаните 3,66 милијарди евра (225,537 милиони денари).
Двата сектори заедно на страна тргнале скоро 8,3 милијарди евра (510,446 милиони денари). Од тоа, 2,45 милијарди евра или 151,004 милиони денари се депозити на компаниите, а 5,43 милијарди евра (334,745 милиони денари) на домаќинствата.
Корпоративен сектор – Како што се посочува во извештајот, вкупните депозити во септември имаат пад од 1,4 проценти, „главно под влијание на падот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, во услови на забележан раст на долгорочните депозити“.
Годишниот раст достигнал 15,7 насто, а во поголем дел е одраз на зголемувањето на девизните краткорочни депозити, депозитните пари и долгорочните денарски депозити.
Септемврискиот месечен раст на кредитите е 0,5 насто и целосно произлегува од зголемувањето на кредитното задолжување во денари. Споредено, пак, со ланскиот септември, движењето по нагорна линија е за 5,1 процент. И тука доминираат кредитите во домашна валута.
Домаќинства – Заштедата на граѓаните во текот на минатиот месец пораснала за 0,9 насто, „во поголем дел поради зголемените депозитни пари и долгорочните депозити“, појаснуваат од Народната банка. На годишно ниво зголемувањето е за 6,8 проценти.
Со пониска стапка – 0,3 насто е месечното задолжување. Притоа, поголемо е влијанието на земените девизни кредити. Годишниот раст од 6,4 проценти се објаснува со зголемувањето на кредитите и во денари и во странска валута. И на ова ниво позначаен е придонесот на девизните позајмувања.
Од аспект на намената, и натаму најзастапени се потрошувачките и станбените кредити, со месечен раст од 0,4, односно 0,8 проценти. Што на годишно ниво претставува зголемување
од шест и од 10,7 насто.
И покрај есечниот пад од 1,5 отсто, автомобилските кредити бележат годишен раст од 15,5 насто. А, двојно намалување – и месечно и годишно има кај задолжувањето преку кредитни картички, од 0,6 и 2,6 отсто.
Негативните салда на тековните сметки бележат септемвриски пад од 1,1 отсто, додека годишното зголемеување е 7,9 насто. Кредитите одобрени врз други основи, во септември се намалија на месечно и на годишно ниво за 1,8 и 17,4 проенти.
Инаку, минатиот месец е евидентиран пад и кај паричната маса во оптек, за 0,5 отсто. Од Народна банка велат дека тоа „во најголем дел се должи на намалувањето на краткорочните депозити и депозитните пари, а во помала мера и на пониските готови пари во оптек и долгорочните депозити до две години“. Сепак, во однос на минатогодишниот септември паричната маса е зголемена за 5,9 насто.