Откажувањето, повлекувањето или колебливоста – во даночната политика никому не носи добро, туку само ситни политички поени. Плаќањето данок не е фрлање пари во бунар, туку нивно канализирање во буџетот. Добар и квалитетен буџет е основата за развој. Затоа има развиени и неразвиени земји.
Ова е ставот на добриот познавач на даночните политики, Славко Лазовски, по потврдата што ја даде министерот за економија, Крешник Бектеши, дека властите се пишманат во однос на солидарниот данок, кој како еднократна давачка треба да опфати 150 компании кои во време на криза успеале да направат профит од над 20 милиони евра. Што се смета како повлекување пред притисокот на бизнис заедницата, која бурно реагираше и се закани дека законското решение ќе оди пред Уставниот суд.
Всушност, министерот наведе дека не се откажуваат, но се размислува за дополнително анализирање, дали решението треба да претрпи модификација. „Треба да седнеме дополнително и да разговараме да не е доцна за носење вакво законско решение“, рече Бектеши, повикувајќи се на изминатото време, во кое „одредени компании тие средства можеле да ги реинвестираат, можеби почнале нови проекти“. Со што, како што дополни – „можеме негативно да влијаеме во одредени компании во делот на нивната ликвидност“.
За ова Лазовски посочува дека денот на доставувањето на годишните сметки и времето поминато од тој ден нема никакво значење, ниту некаква поврзаност со некој нов вид данок, односно со проширувањето на даночната структура. Во многу земји, и тоа во најразвиените, крајниот рок за поднесување на годишните сметки е 30 септември.
„Вториот аргумент, дека ‘можеби со тие средства се веќе почнати нови проекти’, само потврдува дека на министерот не му е јасно дека данокот секогаш е од идните приходи. Даноците се цврсто врзани за иднината, тие ја градат иднината, само се квантифицирани според параметрите во минатото“, дециден е Лазовски, кој воедно тврди дека токму за компанијата која својата добивка ја употребила за финансирање на одреден проект, плаќањето данок е „песма лета“. Или, тоа не е никаков проблем.
„Даноците воопшто не ја загрозуваат ликвидноста, ниту на индивидуален, ниту на колективен план. Плаќањето на данокот не е фрлање пари во бунар, туку нивно сместување на најсветлото место – Буџетот. Сиот ум, вештини и знаења на сите во заедницата се ставени во функција на најдобро ангажирање на тие средства. Добар и квалитетен буџет е основата на развојот на секоја земја низ целата нејзина историја. Тоа ќе биде уште позначајно и поизразено во иднина. Затоа имаме развиени и неразвиени земји“, нагласува даночниот експерт.
На прв поглед се чини дека е добро да се плати помалку данок, но тоа им нанесува најголема штета на самите компании, тврди Лазовски и објаснува:
„Пред се се намалуваат можностите за зголемување на доходите. Значи, целокупната заедница ќе остане да функционира на пониско ниво на доходи. Отсуствува т.н. фискална мултипликација. Наједноставно тоа се објаснува со примерот на образованието на децата. За секое дете е најлесно да помине со малку учење, но според обемот и квалитетот на учењето се остваруваат идните доходи. Или, да го обајсниме вака: некој создал доход и дел од него преку данокот оди во други раце, кај други умови. И сега, токму некој од овие другиве (со мал доход) успева да создаде зголемување. Поголемо отколку целиот доход да останал кај првиот, односно создавачот. Така се развива земјата“.
Исто така, како не помалку важно, укажува – „на тој првиот што го создал доходот и се жали што дел му се одзема преку данокот, треба да му е јасно дека ги користи можностите од даноците кои некои ги плаќале пред него“.
Лазовски смета дека на државата и недостасуваат даноци.
„Да се потсетиме, ние сме земја со ниски даноци, со тесна даночна структура, а тоа значи неправедност. Даночниот систем е спор. А, спороста значи големи трошоци на оданочување, со мал нето даночен ефект, со непочитување на правата на даночните обврзници, со висока сива економија. Значи, нашата земја плаче за даночна реформа. И, наместо да правиш темелни даночни реформи, испорачуваш колебливост и дезоринтација“.
Без добар даночен систем нема развој, вели Лазовски и го цитира Милан Кундера – „Ако не правиш промени, ја загадуваш иднината“.
М.А.