ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ДУЈМОВИЌ, Спан, првата ИТ компанија на Загрепската берза: Работиме чисто, плаќаме даноци и исплатливо е

    Време зa читање: 9 минути

    Спан е хрватска ИТ компанија, меѓу најдобрите во својата област. Извозник на софтвер и ИТ услуги. Глобален ИТ инфраструктурен партнер на неколку големи светски корпорации.

    Почетоците се воени. Фирмата е основана во 1993 за време на војната во Хрватска. Со желба на основачите – да се занимаваат само со софтвер и со професионални услуги врзани за софтвер. Денес Спан делува во повеќе земји низ светот, има околу 900 вработени, сертицифиран е како Microsoft Gold Certified Partner, меѓу клиентите се и McDonald’s I Starbucks, а врв на сето тоа е успешното излегување на Загрепската берза. Како што велат, имаат успешен IPO или Initial Public Offering – кога претпријатије прв пат нуди акции или едноставно, излегува во јавност. И, по речиси две години има 1.800 вложувачи, меѓу кои и многу таканаречени мали, односно граѓани.

    СПАН Група на домашниот терен е поврзана со друштвата Спан, БонсАИ, Триликс, Екобит и Спан Центар за кибернетичка сигурност. А, во странство: Словенија – Спан доо Љубљана, Украина – ТОВ Спан Киев, Азербејџан – Спан Азербејџан ЛЛЦ Баку, Молдавија – СПАН-IT СРЛ Кишињев, Обединето Кралство – Спан ИТ Лимитед Лондон, САД – Спан УСА, Инц. Чикаго, Швајцарија – Спан Свис АГ Зуг, Германија – Спан ГмбХ Минхен, Естонија – ГТ Тарквара Талин.

    За почетоците, за растот, за пробивањето на мразот како прва хрватска ИТ компанија која излегла на Загрепската берза, а веќе е составен дел на нејзиниот главен акциски индекс CROBEX… говори Никола Дујмовиќ, еден од оснивачите и извршен директор на Спан. Тој деновиве беше во Скопје и имаше специјална презентација пред македонските бизнисмени присутни на промоцијата на Деловниот клуб БУМ – Берза и Успешните во Македонија.

    Пари: Од мала фирма до успешна компанија која котира на Берза и има голем број акционери, интересна е сторијата на Спан. И поучна. Рековте, се почнало од игра…

    Дујмовиќ: Како „клинец“ правев игри и сакав кога ќе завршам факултет да се занимавам само со софтвер. Тоа не беше популарно, затоа што софтверот во тоа време во Источна Европа се пиратизираше и никој не го сакаше. Јас знаев дека ќе дојде време и тоа ќе исчезне. Така одлучив да се занимавам со софтвер и професионално сум врзан за софтвер. Почнавме да работиме. Го работевме тоа добро и растевме.

    Пари: Веројатно, паралелно со успехот растат и амбициите?

    Дујмовиќ: Имаме амбиции, но не сме лакоми. Се обидуваме и понатаму да работиме најдобро што можеме. Проблемот на малите пазари, какви што се Македонија и Хрватска, без оглед што работиме надвор, е тоа што мнението е локално, нашите универзуми се мали. Не можеме да имаме 20 илјади луѓе, кога вкупно во Хрватска има 18 илјади кои тоа го работат. Затоа амбициите треба да се во склад со можностите. Ако не е така, тогаш тоа претпоставува дека човек е луд. Значи, и натаму сакаме да сме добри и успешни, но не и нереални.

    Пари: Спан е креација на која со партнерите работите три децении. Успехот е голем, затоа што и самите многу сте се вложиле. Ви беше ли ризикот предизвик?

    Дујмовиќ: Нема претприемништво без ризик. Има exploration и exploitation. Мора да бидете во истражувачка фаза, но потоа мора да има период во кој тоа ќе го капитализирате. Сепак, ако exploitation трае долго, тоа ќе ве изеде. Затоа, секогаш треба да има добар сооднос меѓу тие две фази. Прво мора да се истражува тоа што е ново и начините како може да се работи. А, потоа следи она – работи добро за да можеш да заработиш. Грешката кај добар дел фирми е што многу долго истражуваат, па не можат доволно да заработат. Ние имавме доволно и среќа и памет и школо, па ги избалансиравме добро exploration и exploitation.

    Пари: ИТ индустријата е брзорастечка и промените се секојдневни. Од сегашна перспектива, има ли допирни точки меѓу визијата што ја имавте кога стартувавте со Спан и ова што е компанијата денес?

    Дујмовиќ: Слично е само тоа – се работи за ИТ. Она за што на другите бизниси им се потребни пет години, во ИТ бизнисот се случува за време од една година. Промените се огромни, ни технологијата, ни било што друго не е исто. Успех е да се прилагодите на околностите, да го пронајдете тоа што ве интересира и да работите понатаму најдобро што се може. Многу е важно човек да се занимава со она што навистина го сака. Јас ја имам таа среќа.

    Пари: Луѓето, па и тие од деловниот свет, не ги прифаќаат лесно новитетите. Многумина не се осмелуваат да ја напуштат сопствената зона на комфор. Што ве поттикна да излезете на Берза?

    Дујмовиќ: Нам тоа ни беше предизвик, и деловен и личен. Спан да не надживее и биолошки и деловно. Сакавме на фирмата да и обезбедиме иднина, сакавме работничко акционерство и сакавме пари за нас. Која е фората да имаш 50 отсто од фирма, а на пример, да имаш кредит за стан? Немав кредит, но мои колеги имаа. Потоа, постигнавме се. И, се решивме. Не бевме лакоми, не очекувавме милијарди кои ќе ги трошиме во Монте Карло. Туку, да си ги решиме животите и понатаму, додека се уште имаме сила, да бидеме активни. На моите во фирмата им реков, испратете ме во пензија ако почнам да правам штети. Но, не морам да одам во пензија веднаш по продажбата и затоа што новите сопственици ќе ја преземат, бидејќи сме на Берза, добро работиме, инвеститорите и акционерите не поддржуваат. Знаеме дека тоа не е вечно, но добри сме, се држиме.

    Пари: За оние во Македонија што не знаат што ги чека, а ќе посакаат да го следат вашиот пример – тежок ли е патот до Берзата?

    Дујмовиќ: Претпријатијата или ќе ги снема, или ќе бидат продадени, или ќе се обидете да ги застанете на нозе и ќе ги осамостоите. Нашата желба беше самостојноста, а најдоброт начин тоа да се постигне е пазарот на капитал, кој бара целосна транспарентност и професионалност.

    Да се стигне до таму е – и тешко и не е. Како се вели, тешко е за оние кои не работеле ниту еден ден во животот. Ние имавме инженерски пристап – дај да видиме што треба за веднаш тоа да го направиме. Секако, имаше повеќе нешта кои требаше да се одработат отколку што претпоставуваме. Процесот се чини едноставен, но кога ќе навлезете во деталите има многу работи на кои мора да се одговори. Пред се, мора целосно да се прикажете, сите приходи, трошоци, долгови, плати… Буквално се. Тоа го работеа правни тимови, затоа што се работи за правен документ кој завршува кај регулаторот, кој сето тоа темелно го чита.

    Пари: Висок дострел, но искачувањето по угорнина бара огромен напор. Имаше ли моменти кога сакавте да викнете – доста е, се откажувам?

    Дујмовиќ: Не само тогаш. Ако тоа на човек не му дојде барем еднаш дневно, значи не е нормален. Да, често доаѓа таа помисла, но ќе повторам, кај нас пристапот е инженерски, што значи се може да се реши. Тоа е слично како оној синдром на чекање автобус. Што повеќе го чекате, имате поголема надеж дека ќе дојде. Секако, најлесно е да се откажеш и да тргнеш пеш. Откажување нема! Имаше разни ситуации, дојде и короната, па не можеш да излезеш, а ние сакавме да привлечеме инвеститори. Реков, ајде да се обидеме, направивме роуд-шоу, проекти, презентации, се претставивме пред инвеститорите. Излезе дека се може. Треба да се има идеја, стратегија и желба за работа, земи го шрафцигерот в рака и почни. Но, ништо без стратегија и без добар тим.

    Пари: Рековте дека пазарот на капитал подразбира целосна транспарентност и чисто работење, што не е својствено за повеќето кои се занимаваат со разни бизниси и гледаат да ја заобиколат државата. Исплатливо ли е?

    Дујмовиќ: На секој претприемач му се пара срцето кога мора да и плати данок на државата. Но, може. Со години работиме тотално чисто. Тоа е сосема друг mindset, друг начин на размислување. Нема затајување ни на ситно. Видете, ние се изнаплаќавме даноци на државата. Милиони плаќаме месечно. Имам шефица на сметководство, која тој дел го држи како аптека, како да е фармацевт, а не економист. Понекогаш имам чувство дека ми ја пие крвта. Но го сакам тоа чувство, затоа што значи дека се е како што треба. Се е средено. Меѓутоа, тој пристап не е лесен за претприемачите кои сакаат се да искористат, да имаат едрилица за деловните партнери, а на сите им е јасно од каде. Ние не работиме така. Опстојувањето на Берзата има свои предности.

    Пари: Последните податоци од Загрепската берза покажуваат дека денес (седми јуни) се истргувани 1.197 акции на Спан, тргувањето завршило со цена од 59,20 евра за акција, а прометот е 71.064,20 евра. Кога се појавивте на Берзата и дали сте задоволен од движењата?

    Дујмовиќ: Беше тоа, на 23 септември 2021 година. За три месеци па полни две години. Не смеам да коментирам за акците, но еве денес… За овој период пораснаа за 180 насто. Добро стоиме. Речиси и нема ден, откако излеговме на Берза, да не се тргува со нашата акција.

    Пари: Што е следно во агендата на Спан?

    Дујмовиќ: Има многу работа. Имаме 900 вработени, топ менаџментот навистина е многу ангажиран, затоа што ги решава сите проблеми, дури и најбаналните. Сите знаат како треба кога е добро, но ако не сакаш да се занимаваш со нешта кои понекогаш се граничат со глупост, не се зафаќај со менаџмент. Кога ќе дојдам нутро, ако не решам барем пет проблеми, сметам дека ништо не сум работел. Менаџментот, по ново, се занимава со тоа како да се минимизира штетата, како да се зголеми вредноста лично за себе… Тоа не! Новото претприемништво – не! Точно е дека отвораме фирми во рамки на Спан. Имаме најголема BonsAI фирма во Хрватска, отворивме Центар за кибернетичка сигурност со Израелците. Тоа допрва ќе пламне како бизнис. До пензија, уште од сега, имам полни раце работа.

    новинар:

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично