Цените се ослободија од стегите на владините мерки. Двата вида леб, бел и полубел, тестенините, брашното, оризот, млекото и млечните производи, видовите овошје и зеленчук, производите за хигиена… односно сите продукти опфатени со мерките по кои посегна Владата во изминатиот период, од денес се целосно во рацете на производителите и на трговците, кои одредуваат што колку чини. Цените се формираат по пазарната логика на понудата и побарувачката. Сепак, освен стравувањата на потрошувачите поради можноста за поголеми ценовни скокови, има и најави дека нема да се случат драстични промени. На пример, ќе има леб за 33 денари, порачуваат пекарите.
Владините претставници веќе неколку дена укажуваат дека ќе ја следат состојбата, а засилени ќе бидат и проверките од страна на Државниот пазарен инспекторат. Не очекуваат поголеми поместувања кај цените на прехранбените производи, но доколку се забележи злоупотреба, повторно ќе реагираат. Притоа, посочуваат дека пазарните услови нема да предизвикаат ценовни удари, бидејќи фактори кои би влијаеле на тоа – електричната енергија и суровините се веќе стабилизирани.
„Сите предуслови што треба да се исполнат за да останат цените на исто ниво, па можеби дури и очекувањето да бидат помали, се направени. Сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените, сега ги нема. Електричната енергија не е на цената на која беше, цената на суровини е намалена на светските берзи. Тоа значи дека и оние што произведуваат, но и оние што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите, дури и да одат надолу. Ние видовме дека на пазарот на трговија со зеленчук цените природно се намалија дури за 40 отсто од замрзнатите. Затоа одлуката е да се одмрзнат“, е ставот на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Во тој контекст и укажувањето од министерот за економија, Крешник Бектеши, дека инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалила. Притоа, очекувањата за месецов се дека стапката ќе биде едноцифрена, односно ќе се спушти под нивото од десет проценти.
Исто така, властите добиле и гаранции од деловната заедница дека ќе нема големи промени на цените.
Меѓутоа, граѓаните не се толкави оптимисти како владините претставници. Веројатно, затоа што нивните примања не се ни близу до оние на избраните функционери. А, освен денешното разуздување на цените, наскоро ќе уследи и поскапувањето на струјата. Секој знае со колкав домашен буџет располага, па оттаму и нелагодата и чувството на неизвесност кај граѓаните. Во прилог на нивните стравови се и официјалните пресметки – потрошувачката кошница, која ги содржи само најнеопходните месечни потреби е околу 50 илјади денари. Најмногу влече храната, повеќе од 19 илјадарки. Секако, треба да се напомене, податоците се од месеците кога цените беа замрзнати.