Равојот на државата се темели на производството на реалниот сектор. За здрава економија и здрав реален сектор неминовно е да постои соработка меѓу академската јавност и компаниите, од аспект на нови истражувања, што ќе доведат до иновативни производи, кои ќе бидат пласирани и на домашниот и на меѓународниот пазар, е заложбата на кандидатот за ректор на УКИМ, проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет.
„За нас е успех кога ќе имаме производ ‘Мade in Macedonia’. Тоа е нешто што значи успех и за академскиот свет и за компаниите. Посебно, доколку тоа се темели на заедничка соработка – наука и истражување со реалниот сектор, компаниите“, смета професорот.
За науката да е применлива во процесот на работење на производните компании, потребно е да постои меѓусебна доверба и деловна комуникација, што значи остварување заеднички проекти. Сепак, неопходни се и други нешта.
„За да се постигне сето тоа, потребно е да имаме и добро образование и добар истражувачки тим во академскиот свет, кој дел од своите активности ќе ги посвети на соработка со компаниите. Има примери за такви релации во различни сфери, не само во подрачјето на техничко-технолошките науки, туку и во доменот на медицинските и во фармацевтските науки. Во Македонија постои традиција на соработка меѓу компаниите. Своевремено, во рамки на компаниите функционираа научни институти, кои имаа вработено лица во соработка со академскиот свет. Се надевам дека повторно ќе заживеат таквите институти и дека тоа ќе придонесе за уште подбра и подлабока соработка со компаниите“, говори Кочов за добрите практики.
Во целиот тој процес потребно е и залагањето на уште еден партнер.
„Важно е државата да е третиот субјект кој ќе биде инволвиран во сето ова. На времето имаше добар закон за технолошки развој, кој беше под чадорот на МОН. Постоеше можност да се аплицира за проекти кои ќе бидат финансирани од државата. Со 70 отсто учество на компанијата, 30 проценти од државата и активен удел на академскиот свет. Намето тоа, денеска го има Фондот за иновации и технолошки развој, каде што во изминатиот период се појавија т.н. иновациски ваучери. На истиот начин компаниите заедно со универзитетите, со факултетите аплицираат за да можат да дојдат до одредени финансиски средства. До поддршка, со која ќе се овозможи работа врз развојот на нови иновативни прототипови и понатаму, да се дојде до втората фаза – комерцијализација на таквите прозводи. Меѓутоа, тоа е се уште малку. Потребни се поголеми вложувања ако сакаме да имаме здрава економија. А, ако сакаме здрава држава, треба да имаме и здраво образование. Здрава наука, здрави истражувања. Тоа е процес кој мора да биде на пиедесталот во сите политики кои се креираат на ниво на државата“, дециден е кандидатот за ректор на УКИМ.
Каде се студентите…
„Најважно е во тие процеси, во соработката и проектите да бидат вклучени студентите, без оглед дали се на прв или втор циклус студии или се докторанти. Тоа е неминовно. Практичната настава во компаниите е само еден дел. Сепак, поголем ќе биде придонесот доколку истите тие студенти учествуваат во вакви проекти, бидејќи ќе ја видат реалната состојба на потребите на науката, истражувањето, дури и планирањето на понатамошните патеки на компаниите. Кога ќе има можност за вакви проекти, секогаш треба да се вклучат и студенти. Како пример, во два проекти спроведени со две компании имавме пет дипломски и две магистерски работи. Од тоа произлегоа научни трудови. Тоа значи дека не само што го промовиравме развојот на прототипот за компаниите, туку истовременио имавме и научни истражувања кои беа публикувани и се препознатливи. Тоа значи многу и за академската средина од аспект на рангирање на Универзитетот и од аспект на неговата препознатливост“, нагласува Кочов.
Како долгогодишен професор, сигурен е во потенцијалот кој во себе го носат младите.
„Младите во Македонија имаат желба и потреба да бидат дел од процесите. Како професори и наставници не смееме да го игнорираме тој порив. Колку повеќе ги ангажирате, толку повеќе даваат резултати. Колку повеќе барате од студентот, толку повеќе ќе добиете. Ако ги втурнете во вакви проекти со компаниите, во истражување, ќе видите со колкава страст тоа го работат. И како почнува натпреварот меѓу нив, кој повеќе да придонесе во целата работа. Ме радува кога дипломските и магистерските се дел од реалниот сектор. Дел од соработката што ја имаме со компаниите. Зашто, и студентот ќе биде препознатлив, исто и компанијата, а на крај тоа може да заврши на взаемно задоволство, со вработување“, зборува искусниот професор, кој бил дел од два проекти поврзани со иновациските ваучери.
Основно е таа соработка да продолжи во креирање на студиските програми.
„Мора да одоговориме на барањата. Се воведува дуалното образование. Децата мора да добијат дополнувње на она што значи петти степен на образование. Тој сегмент треба да заживее, а е во интерес на компаниите. Ќе биде добро во наставата, освен професорите од факултетите, да имаме и гости од практиката. Имаме голем број магистранти и докторанти кои се во компаниите и кои преку овој систем ќе треба своето знаење да го пренесат на младите генерации. Се надевам дека ќе се развие нов столб – директна соработка преку стручните студии и формирање студиски програми за стручно усовршување на кадарот во компаниите“, потенцира професорот Атанас Кочов.