ПОВЕЌЕ

    ФУНКЦИОНЕРИТЕ ДОБИЈА ЗГОЛЕМЕНИ ПЛАТИ, за корекцијата на коефициентите „ќе се разговара“

    Време зa читање: 4 минути

    Пратениците први добија повисоки плати по одлуката на Уставниот суд за укинување на двата члена од Законот кој ги регулира примањата на именуваните функционери. Но, не на целиот износ, туку зголемувањето е пресметано за осум дена, колку што поминале од 21 март кога судиите оценија дека се работи за неуставни одредби. Со тоа, на нивните сметки, според груби математики, легнале плус 16 илјади денари. Неофицијално, народните избраници бараат  фамозниот процент 78 да се вкалкулира ретроградно и да ја опфати целата мартовска плата.

    Со оглед на тоа дека ова е период од месецот кога се исплаќаат плати, јасно е дека Буџетот ќе биде дополнително оптоварен, бидејќи се уште, и покрај најавите, нема конкретна мерка од страна на Владата за корекција на коефициентите.

    Според членот 10 од Законот, „платата на функционер и на раководен работник се утврдува на начин што основицата за пресметување на плата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот за работното искуство. Работното искуство се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%“.

    Понатаму, членот 11 предвидува – „основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“, но не прецизира дали се работи за бруто или нето. Сепак, познавачите на состојбите велат дека пресметките се прават на бруто износи, што во случајов е 47.637 денари.

    Членовите од Законот, од дванаесеттиот каде е наведен распонот од 2,20 до 4,50, до седумнаесеттиот, ги утврдуваат коефициентите:

    *За претседателот на државата, на Собранието и на Владата – до 4,50. Или по формулата 47.637 x 4,5, имаат плата од 214.366 денари.

    *За претседател на Уставниот суд, за потпретседател на Собранието и на Владата – 4,00 (190.548 денари).

    *За член на Владата, за претседател на работно тело на Собранието, за претседател на Врховниот суд, за јавен обвинител, за судија на Уставниот суд, за гувернер на Народната банка, за јавен правобранител, за народниот правобранител, за секретар на Собранието и на Владата  – до 3,70 (176.256 денари).

    *За заменик министер, за директор на републичка организација, за раководител, за советник, за секретар во Кабинетот на претседателот на државата, за републички советник во Собранието, за заменик на гувернерот на НБ, за заменик на секретарот на Собранието, за судија на Врховниот суд, за заменик на јавниот обвинител, за заменик на јавниот правобранител, за заменик на народниот правобранител, за претседател на Апелациониот суд и за виш јавен обвинител – до 3,40 (161.965 денари).

    *За раководен работник кој го именува Собранието или го назначува негово надлежно тело, за судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител, за претседател на основен суд и основен јавен обвинител – до 3,20 (152.438 денари).

    *За судија на основен суд и на заменик на основниот јавен обвинител – до 2,80 (133.383 денари).

    *За градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје – од 2,70 до 3,70. Конкретно, нивните коефициенти се определуваат согласно бројот на жителите, а максимумот е за градоначалникот на Скопје. Или во опсег од 128.619 до 176.256 денари.

    Забележливо е дека пред секој коефициент стои „до“, што значи дека не мора да се земе предвид крајната бројка, како што е праксата. Но, го има и она „од 2,20“, што никаде понатаму не се споменува.

    Воедно, покрај коефициентите, во пресметките на месечните примања се вбројуваат и разно разни бодови, за образование, звање, кариера, па минат труд, но има и одбитоци за придонесите за здравствено и пензиско осигурување, персонален данок… Така што наведените износи се во доменот на грубо изведените математички операции, но и не се многу далеку од реалноста.

    Вчера во Владата, според одредени извори, на седницата се проговорило на оваа тема, но одлука не е донесена. Наводно, тоа ќе се случи на наредното заседавање на владиниот состав. Инаку, до Владата испративме прашања што се презема и на кој начин ќе бидат исплатени платите, но засега одговор нема.

    Според Уставниот суд, чиј став го соопшти портпаролот Христина Беловска –  донесените одлуки се конечни и извршни. „Но, не забрануваат законодавецот, односно Собранието да направи интервенции, законски измени кои потоа извршната власт ќе ги применува. Улогата на Уставниот суд е на крај да изврши контрола, оценка дали законите се во согласност со Уставот. Во однос на зголемувањата, колку и како ќе бидат, тоа треба да го даде како одговор друга надлежна институција која што ги прави пресметките. Се разбира, тука се опфатени и уставните судии, затоа што тие се избрани во Собранието“, наведе Беловска.

    Во меѓувреме, јавноста бурно реагира и се прават пресметки колку ќе чинат, по ново, избраните функционери.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично