ПОВЕЌЕ

    Поврат на ДДВ до 2.100 денари: Повеќе фискални сметки – повисока наплата на даноци

    Време зa читање: 3 минути

    Повратот на ДДВ од 2.100, наместо досегашните 1.800 денари, ги зголеми очекувањата на даночниците, а и граѓаните кои скенираат фискални сметки не се рамнодушни на новината која пристигна со почетокот на годинава.

    Првите се надеваат дека со ова ќе и зададат посилен удар на сивата економија, со што дел од средствата кои понираат, ќе се појават и ќе се канализираат, насочувајќи се кон државната каса. Накусо, надежите се – колку поголем број издадени фискални сметки, толку повисока наплата на данок. Секако, се смета и на притисокот од граѓаните, за кои зголемувањето од 300 денари, или по сто денари за секое тримесечје, треба да е мотив плус во остварувањето на своето право, за се што купиле и платиле да добијат сметка.

    За домашниот буџет важен е секој денар, особено кога долгогодишната хронична беспарица и немаштија се обременуваат со нови кризни состојби, без оглед дали се увезени или не. Затоа и не се занемарува податокот дека секој што скенира може да добие максимални 8.400 денари (7.200 до лани) на годишно ниво. Но, за тие средства да легнат на трансакциските сметки, претходно треба да се потрошат „големи“ пари.

    Досега, за износот од 1.800 денари беше неопходна тримесечна „инвестиција“ од околу 100 илјади денари. Наспроти тоа, грубите пресметки покажуваат, за остварување на новиот квартален лимит, во трговијата, во текот на три месеци, треба да се остават 100 пати по 2.100 денари. Или, 210 илјадарки. Притоа, важно е дали се купуваат производи од домашно или од странско потекло, храна или нешто друго… За облеката и акцизните стоки се пресметува ДДВ од 18 проценти, за речиси сите други производи стапката е 10, а храната е со најниски, односно повластени пет проценти. И, со самото тоа, не е во игра за поврат на ДДВ, кој е 20 отсто од пресметаниот данок за македонски добра и услуги, а кај увезените – 10 проценти.

    Статистиките на УЈП покажуваат дека се се побројни македонските граѓани кои скенираат фискални сметки и веќе е надмината бројката од 500.000 лица, наспроти првичните 212.776 корисници на апликацијата МојДДВ, која стартуваше на први јули 2019 година. Скенираат и млади и стари (од 15 до 98-годишна возраст), од кои повеќето се жени. Во таа активност доминираат скопјаните, но не заостануваат ниту штипјаните, валандовците, битолчаните, гевгеличаните… Најмногу скенирани сметки има од бензински станици, од маркети – мали и големи, од аптеки, продавници за облека, за бела техника.

    Освен тоа, во пораст е и граѓанската свест, за што сведочат поднесените во УЈП речиси пет илјади пријави за неиздавање фискални сметки, како и за издавање компјутерски сметки, но кои не се фискални.

    Ефектот од МојДДВ е што приврзаниците на скенирањето во текот на овие години споделиле повеќе од 80 милиони евра. Од друга страна, проценките велат дека сивата економија зафаќа од 21,3 до 39,5 проценти од бруто домашниот производ. Оттаму и потребата од покомплексен пристап, проследен со волја за санкционирање на грешниците и доследност во спроведување на законите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично