ПОВЕЌЕ

    Шпаркасе Банка и ФИТР потпишаа Меморандум за соработка за нови можности за стартап компаниите

    Време зa читање: 4 минути

    Шпаркасе Банка Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) потпишаа Меморандум за соработка, со кој ќе се овозможи поголема промоција и достапност до Чекор по чекор програмата, со која домашните стартапи ќе можат да добијат различни пакети за финансиска, едукативна и менторска поддршка.

    „Соработката на Шпаркасе Банка Македонија со Фондот за иновации и технолошки развој ќе придонесе за создавање на нови можности за финансирање на иновативните бизниси, кои покрај поддршката која ја добиваат во форма на грант, ќе имаат дополнителна можност за пристап до банкарски кредит и вклучително менторство и едукација кои ги овозможува „Чекор по чекор“ програмата. Нашиот стручен тим им ја дава потребната експертска поддршка на младите менаџери за квалитетна изработка на потребните бизнис-планови, а воедно нашите партнери им помагаат да ги унапредат нивните претприемачки вештини и совети за правилно користење на финансиските средства во насока за поголем развој и одржливост на нивните бизниси. Преку поддршката на старт-ап бизнисите и нивното вмрежување во една заедница ние ја исполнуваме нашата мисија да бидеме поддршка за младите, овозможувајќи им да го реализираат својот сон за сопствен бизнис во нашата држава“, изјави Глигор Бишев, генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија“.

    Стартапите кои ќе аплицираат за кофинансирани грантови на јавните повици на ФИТР, преку програмата ќе имаат можност да го обезбедат сопственото учество по поповолни услови. Компаниите кои работат не повеќе од 12 месеци ќе можат да обезбедат кредит до 10.000 евра, додека стартапите кои постојат до 3 години ќе можат да добијат кредит во максимален износ од 25.000 евра.

    „Фактот дека пет банки за помалку од половина година во ФИТР видоа партнер со кој можат да направат суштински промени во стартап еко системот во нашата држава, за нас значи дека економската заедница ги препознава промените кои ги направивме во изминатиот период. Ме радува што партнерството со Шпаркасе Банка Македонија за стартап компаниите ќе значи голема поддршка на повеќе нивоа и поттик да се охрабрат и идеите кои ги имаат да ги претворат во профитабилен бизнис.“, рече Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

    На корисниците на кои ќе им биде одобрен кредит, ќе им биде доделен ментор врз основа на нивните потреби и кој во период од една година ќе ги советува за развојот на нивното работење. Ментори ќе бидат деловни луѓе со долгогодишно бизнис-искуство и развиени партнерски мрежи, кои сакаат понатаму да го пренесат своето знаење.

    Како прва банка која воведе специјализирана едукативна и менторска програма за поддршка и пристап до финансиски средства во форма на банкарски кредит за старт-ап бизнисите, Шпаркасе Банка Македонија го покажува своето одговорно банкарско работење и преку „Чекор по чекор“ програмата придонесува во јакнење на домашната економија, а воедно дава општествена поддршка за компаниите што се во почетната фаза на развој на сопствен бизнис.

    Истата започна од 2019 година и после два успешно спроведени циклуси овозможи финансирање на околу 20 старт-ап бизнис, кои денес се стабилни и успешни микро компании на македонскиот пазар, со вкупен износ на кредитно финансирање од околу 200.000 евра.

    Преку склучување на идни партнерства и соработки, како и вмрежување на сите заинтересирани институции од невладиниот сектор, Шпаркасе Банка Македонија ја продолжува својата мисија да обезбеди пристап до финансии и едукативна програма
    за младите и талентирани иноватори како нивната бизнис идеја да ја развијат во одржлив бизнис и на тој начин ги подобрува условите за домашнo претприемништво, но и да ја потикнува креативната и иновативната индустрија во земјава.

    Повеќе информации за соработката со ФИТР и можностите на програмата „Чекор по чекор“ погледнете на веб-страницата на Банката (www.sparkasse.mk).

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично