Најмалата општина по површина во Македонија, Општина Чаир, долго време важеше за дел од градот каде што традицијата, чаршијата и занаетите се главна нишка, а денес сè повеќе ја менува сликата и расте како нова економска сцена на северната страна од Скопје ‒ од автоделови и информатичка технологија, до текстил и брза храна ‒ Чаир развива сопствен модел на претприемништво.
Во 2024 година, според податоците од Бизнис Мрежа што ги анализира порталот Пари, топ 10 компаниите со седиште во Чаир оствариле вкупен приход од 79,2 милиони евра, што е раст од 6,31 насто во однос на 2023 година, кога приходот изнесувал 74,5 милиони. Уште позначајно, вкупната добивка скокнала за над 66 насто, од 5,1 на 8,5 милиони евра, а бројот на вработени пораснал на 773 лица, што е зголемување од 3,76 насто во однос на претходната година.
Автоделови, туризам и градежништво ‒ моторот на приходите
Најголем приход во 2024 година пријавува Мега Ауто Партс, со 14 милиони евра и стабилен раст од 2,17 насто. Компанијата е увозник и дистрибутер на автомобилски делови од реномирани германски и западноевропски производители ‒ и е една од ретките со конзистентен раст и во приход и добивка (880,5 илјади евра).
Фокус Траде Балкан, која тргува со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, е втора по обем на приход со 13,1 милиони, но забележува драматичен пад од 35,49 насто.
Изненадување во топ 3 е туристичката агенција Делфина-Турс, со скок од 294,25 насто ‒ од 2,1 милион во 2023 година на 8,5 милиони евра во 2024 година. Иако не е меѓу добитниците по профит, оваа туристичка компанија го демонстрира најдраматичниот годишен раст во целата општина.
Следи Ројал Стеел со 7,7 милиони (пад од 20,55 насто), градежна фирма со портфолио што вклучува проекти како Скопје Сити Мол и плоштадот Скендер Бег.
Атомем ‒ технолошки ориентирана компанија со стабилен раст од 16,78 насто, со приход од 7,3 милиони, ја заокружува првата петорка во графата на топ десет компании по приходи.
По Делфина турс, голем раст достигна и Јиба Јасмина (93,02 насто). Приходот на оваа компанија е 5,6 милиони евра, што ја прави меѓу најбрзорастечките трговски компании.
ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ПРИХОДИ
Извор: Бизнис мрежа
Профитот во Чаир порасна за 66 насто
Во категоријата на добивка води Пласет – Донер & Бургер, со 1,6 милиони евра добивка – раст од 61,82 насто. Иако работи во сегмент што обично има ниски маржи, очигледно нивната формула за брза храна носи сериозна профитабилност.
На второ место е АРС Инвест, градежна и инвестициска компанија, со добивка од 955,3 илјади евра, што е експлозивен раст од 674,24 насто во однос на претходната година.
Атомем е трета по добивка со 937 илјади евра, што е зголемување од 35,12 насто и се позиционира како стабилен и сигурен технолошки играч.
Забележлив е и случајот на Лисна-Комерц Ирфан, која од скромни 25,3 илјади евра во 2023 година, во 2024 година пријавува 752,4 илјади евра, што претставува раст од над 2.860 насто ‒ ретко виден профитен пресврт.
Меѓу добитниците се и Ледиком Груп, трговија со опрема за информатичка технологија (910,1 илјада евра добивка, раст од 67,71 насто), Хомакс ЛТД, малопродажба на производи за широка потрошувачка неопходни за секој современ дом (890,9 илјади евра), како и Ориент Доорс, производство на врати и алуминиумска столарија, со добивка од 602,4 илјади евра и раст од 210,13 насто.
ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ДОБИВКИ
Извор: Бизнис мрежа
Над 770 вработени, текстилците го држат врвот
Бројот на вработени во топ 10 компании во Чаир во 2024 година е 773, во споредба со 745 во 2023 година, што претставува раст од 3,76 насто. Не е спектакуларно, но покажува стабилност.
Најмногу вработени има компанија што воопшто не фигурира во категориите приходи и добивки, а тоа е Текстил Солушн со 117 лица, семеен бизнис што произведува заштитна и спортска облека.
На втора позиција се наоѓа Хомакс ЛТД со 88 лица, со раст од 33,33 насто.
Дама Фешн и Буши Фашион ‒ компании што го заземаат третото и четвртото место бележат пад, но сè уште се меѓу најголемите работодавачи во текстилниот сектор со 81 и 79 вработени.
ТОП 10 КОМПАНИИ ПО ВРАБОТЕНИ
Извор: Бизнис мрежа
Од донери до софтвер и од челични врати до женска облека, Чаир поставува основа за уште посилен економски раст.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска