ПОВЕЌЕ

    Трибина на Народната банка: Економското новинарство од осамостојувањето до денеска ‒ придонесот во информирањето и финансиската едукација на јавноста

    Време зa читање: 4 минути

    „Денес постои консензус дека јасната, ефективна и едноставна комуникација на централните банки e една од клучните алатки во исполнувањето на нивните мандати. Преку својата комуникација тие влијаат врз очекувањата, ја намалуваат неизвесноста и создаваат попредвидлив амбиент, а на тој начин и реакциите на економските субјекти стануваат попредвидливи“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на трибината со новинарите, под наслов „Економското новинарство од осамостојувањето до денеска ‒ улогата на новинарите и Народната банка во информирањето и финансиската едукација на јавноста“, којашто Народната банка ја организира како дел од мозаикот настани посветени на одбележување на триесетгодишнината од нашето монетарно осамостојување.

    На трибината, под водство на новинарот Горан Теменугов, своите видувања ги искажаа поранешни и сегашни новинари, Герман Филков, Сузана Фиданска, Нина Нинеска-Фидановска, Младен Чадиковски и Мирче Јовановски.

    Правејќи споредба низ годините наназад, гувернерката посочи дека последниве години се случува голема промена во однос на целната група за комуникација на централните банки при што периметарот се прошири од финансиските пазари и експертите, кон пошироката јавност.

    „Нашите цели, инструменти, мерки стануваат покомплексни, поврзани со конкретни прашања што се од директно значење за општата популација, а тоа бара поедноставен, полесен, побрз и подиректен начин на комуникација. Една од повидливите промени се новите канали на комуникација, особено социјалните медиуми, но и сѐ поголемата посветеност на економската и финансиската едукација. Овие чекори на приспособување на комуникацијата кон новите бранови на дигитализацијата и сѐ поголемото приближување кон пошироката јавност се неопходни, во свет во којшто централните банки се соочуваат со деликатни предизвици, проширување на нивните мандати и иновирање на нивниот монетарен инструментариум“, рече Ангеловска-Бежоска.

    На трибината меѓу новинарите беа отворени темите за значењето на едноставноста и јасноста на информацијата којашто се пренесува до јавноста. Поранешниот новинар Герман Филков истакна дека транспарентноста е веќе дел од политиките коишто ги водат централните банки и дека ефикасноста и ефективноста од водењето на монетарната политика се тесно поврзани со споделувањето на нејзините одлуки. Заедно со Теменугов го посочија и значењето на приспособувањето на информациите коишто се пласираат во јавноста на целната публика, односно приспособувањето на содржината и за пошироката јавност.

    Нинеска-Фидановска се осврна на новите, дигитални медиуми и нивната улога во современиот медиумски екосистем. Посебно се осврна на лажните вести, како нуспроизвод на новите медиуми и брзината со која се пренесуваат информациите и на нивната кредибилност. На оваа дискусија се надоврза Чадиковски, кој посочи дека кредибилитетот на медиумите глобално е помал во однос на минатото, што главно се должи на новите услови во кои функционира новинарството и трката со времето да дојдете прв до информација.

    Сузана Фиданска се осврна на улогата на јавниот сервис во формирањето на македонското новинарство и поставувањето на стандардите и критериумите во информирањето за останатите редакции. Таа истакна и дека Народната банка најмногу досега споделува информации и вести со јавноста.

    На ова се надоврза новинарот Мирче Јовановски, кој посочи дека транспарентноста на институциите е основен услов за објективно и навремено информирање на јавноста. Тој истакна дека оваа констатација се однесува како на вообичаените состојби во економијата, така и на кризните ситуации како во време на корона-кризата и актуелната економско енергетска криза и високата инфлација, кога отсуството на транспарентност отвора широки врати за шпекулации со можни негативни последици за целата економија. За разлика од порано, сега информациите, но и дезинформациите патуваат со брзина на светлината, поради што институциите треба да бидат во состојба на постојана будност и навремено да изнесуваат факти, а Народната банка е еден од посветлите примери на такви институции, посочи Јовановски.

    Во присуство на новинари од економските редакции на сите медиуми се разви богата дискусија за транспарентноста на Народната банка, при што беше истакната досегашната соработка и отвореноста во комуникацијата, како сегашен и натамошен императив за квалитетно економско новинарство и поддршка на транспарентноста за ефикасно спроведување на монетарната политика.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично