„Гугл трендс“ на „Твитер“ објави дека Македонија, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, кој е номиниран за „Оскар“, е прво место во светот од каде што најмногу се пребарува на „Гугл“ за „Оскарите.
Автор на и лустрацијата: Gjorgje Jovanovik
„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во напуштено село во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Атиџе многу хумано и питомо му приоѓа на концептот на заработката која ја добива од медот – половина за неа, половина за пчелите – никако повеќе, без оглед на сè. Затоа што, без разлика на фактот што пчелите и донеле мед и егзистенција, таа не сака да си дозволи да заборави и на нивните потреби и умешно балансира распространувајќи ја пораката дека ние луѓето треба да се трудиме да ѝ вратиме на природата за сите добра кои ни ги приуштила.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
„Медена земја“ е номиниран во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Ова е првпат во историјата македонски филм да биде номиниран во две категории за „Оскар“.
Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд. Преносот почнува околу 2 часот пополноќ, според средноевропско време. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител.
Пишете ни за филмот – дали веќе го гледавте и како ви се допадна? Пишете впечатоци и ваши размислувања. Навистина вреди да се дискутира, затоа што колку и да звучи наивно описот погоре, филмот обработува нешто многу суштинско, нешто со кое секојдневно сме во контакт.