ПОВЕЌЕ

    Министерката Божиновска на средби со водечки компании од рударскиот и енергетскиот сектор Лондон

    Време зa читање: 3 минути

    Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на својата работна посета на Лондон, оствари средби со три водечки компании од рударскиот и енергетскиот сектор – Anglo American, Central Asia Metals (CAML) и Pacific Green.

    Средбите беа фокусирани на унапредување на соработката со британските компании кои се глобални предводници во примената на иновативни и одржливи технологии во рударството и енергетиката, со акцент на одговорно рударство, енергетска безбедност и зелена транзиција.

    Претставниците на компаниите истакнаа дека се сериозно заинтересирани да го зајакнат своето присуство и инвестиции во Македонија, почитувајќи ги националните закони и европските стандарди за заштита на животната средина, безбедност и социјална одговорност.

    На средбата со Pacific Green, компанија специјализирана за развој на системи за складирање на електрична енергија и интеграција на обновливи извори, разговорот беше фокусиран на можностите за примена на батериски системи за складирање енергија, кои се клучен сегмент во модерната енергетика.
    Министерката Божиновска истакна дека со новиот Закон за енергетика, Македонија за првпат предвидува воведување на батериски системи за складирање енергија, со што државата фаќа чекор со современите светски трендови и создава услови за поефикасно користење на обновливите извори и стабилен електроенергетски систем.

    „Македонија ја гледаме како земја која создава предвидлива и транспарентна рамка за инвеститорите. Новиот законски и институционален амбиент овозможува инвестиции кои се во согласност со највисоките стандарди на одговорно рударство, енергетска безбедност и заштита на природата,“ изјави министерката Божиновска.

    Компаниите Anglo American и CAML, кои веќе имаат присуство во земјата, го поздравија донесувањето на новиот Закон за минерални суровини, со кој се воспоставуваат јасни и транспарентни правила за работење, што ја зајакнува довербата кај странските инвеститори и го поттикнува развојот на модерно и еколошки одговорно рударство.

    Раководните лица на двете компании го изразија своето задоволство од формирањето на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, оценувајќи дека воспоставувањето на посебна институција која се грижи исклучиво за овој сектор е значаен чекор за подобра координација, брза комуникација и стратешко управување со ресурсите.
    Тие ја изразија својата благодарност за професионалниот пристап на Министерството и ја оценија оваа институција како место каде што инвеститорите конечно имаат конкретен и компетентен партнер за соработка, поддршка и решавање на прашања од областа на енергетиката и рударството.

    Министерката Божиновска нагласи дека Владата е посветена на тоа Македонија да биде партнер на сериозни и одговорни компании, кои работат според европски стандарди, вложуваат во иновативни и еколошки технологии и придонесуваат кон локалниот економски развој.

    „Нашата визија е јасна – да ја изградиме Македонија како регионален пример за балансиран развој на енергетиката и рударството, каде што економскиот раст оди рака под рака со заштитата на животната средина и благосостојбата на заедниците,“ додаде министерката Божиновска.

    Anglo American, CAML и Pacific Green се препознаени како современи компании што ја интегрираат одржливоста, безбедноста и иновациите во своето работење, со што го потврдуваат потенцијалот за натамошна, продлабочена соработка со македонскиот енергетски и рударски сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично