ПОВЕЌЕ

    Либерализација на железничкиот транспорт-проблем или решение?

    Време зa читање: 4 минути

    Системот во кој функционира македонскиoт железнички сообраќај е заробен во 60-тите години на минатиот век, начинот на работа не се променил од тогаш, иако техниката и технологијата се сменети и подобрени.

    И додека во Македонија замираат железничкиот сообраќај и инфраструктурата, во Европа возот станува најисплатливото превозно средство, а соседството постојано инвестира во нови возови и пруги и во модерни железнички станици.

    Лани, во ноември, повторно се актуализираше темата за либерализација на железничкиот сообраќај во земјава и се дискутираше за тоа дека железницата е во катастрофална состојба, а државата постојано дотира средства, колку да се спаси претпријатието. Бизнис-секторот вели дека македонските власти треба да ги засукаат ракавите за да се пронајдат извори на финансирање за реализација на железничката инфраструктура, особено од меѓународните финансиски извори, бидејќи многу инвестиции за модернизирање на овој сообраќај беа најавени, но во реалноста ситуацијата е поинаква.

    Според едно мислење, „либерализацијата на железничкиот сообраќај ќе донесе конкурентност, подобри услуги и пониски цени на патничкиот и транспортниот сообраќај, ќе ги ослободи претпријатијата од партиски вработувања, како и подобри услови за вработените“, велат некои од експертите што се залагаат за либерализација. Истите тие истакнуваат дека „речиси во сите извештаи на меѓународните институции токму одложувањето на либерализацијата беше забележано како слабост на Македонија“. А случувањата со железничкиот сектор имаат директно влијание врз работењето на целиот бизнис.

    И после 10 месеци, од Министерството за транспорт и врски истакнаа дека тргната е обврската на државата за либерализација на железничкиот сообраќај со цел да се спаси АД „МЖ – Транспорт“ од колапс, бидејќи и така е во тешка финансиска состојба.

    – Со овие измени, практично го спасуваме АД „МЖ – Транспорт“, каде што работат голем број лица, кои имаат семејства и треба да ги прехрануваат. Во изминатите два месеца, активно работиме на тоа да земаат плати. Во координација со ЕК, во рамките на Планот за раст, се договоривме да се тргне обврската на Македонија за либерализација на железничкиот сообраќај, затоа што кога би се реализирала, ова претпријатие, кое и онака е во тешка финансиска ситуација, целосно би колабирало – објасни министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

    Поранешниот директор на „МЖ-транспорт, Игор Коруноски, неодамна истакна дека железничкиот сообраќај е сложен инфраструктурен систем, кој бара континуирано вложување и одржување.

    – „МЖ-транспорт“ мора да стане пазарно ориентирана компанија и менаџментот да им се довери на компетентни луѓе, како и да се убеди Владата дека треба да инвестира во овој сектор. Има неколку студии што покажуваат дека годишно е потребно да се даваат 12 милиони евра во „МЖ-транспорт“ како субвенција и уште најмалку толку во инфраструктура за ремонт, а во случајов не се прави тоа – вели Коруноски.
    Во однос на либерализацијата, тој вели дека мора да се случи и дека никој не е против конкуренција. Тој вели дури и дека конкуренцијата е „здрава“ и треба да ја има.
    – Отворањето на пазарот во железничкиот транспорт носи предности, но носи и сериозни предизвици и ризици. Либерализацијата треба да придонесе за подобра ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на железничкиот транспорт, но и зајакнување на конкуренцијата. Тоа ќе значи силна конкуренција за единствениот железнички оператор „МЖ-транспорт“, но и сериозни обврски за управителот со железничка инфраструктура „МЖ-инфраструктура“ – потенцира Коруноски.
    Според искуствата што ги презентирале од Европската федерација на железници, таму каде што е либерализиран пазарот, тоа е најчесто со товарниот сообраќај, а патничкиот останува во сопственост на државата, бидејќи тој секогаш е субвенциониран.
    Но, за да може да функционира обврската според европските регулативи, Македонија мора да ги изгради пругите, мора да го подготви јавното претпријатие да биде лидер за да може да привлече здрава конкуренција.

    Долгот на ова претпријатие во државна сопственост, моментално е над 90 милиони евра и како што велат од министерството прават напори да го вратат во форма. Министерот истакна дека неколку локомотиви веќе се вратени во операција за карго превоз кој е најдоходовен, во следниот период ќе се изнајмат уште четири до пет локомотиви, за што ќе се разговара за соработка со Србија.

    Катерина Михајлова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично