ПОВЕЌЕ

    СРЕЌАТА Е „ИЗБРКАНА“ ОД МАКЕДОНИЈА: Државата е на 87 позиција од рангираните 137 земји во светот, а шеста година по ред најсреќни се жителите на Финска

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските граѓани не се многу среќни, покажува последниот извештај „Среќата во светот 2023“, објавен од ОН. Од 137 држави во светот, Македонија е рангирана на 87 место, со 5.254 индексни поени. Оваа позиција и ја обезбедува титулата на најнесреќна балканска земја, која и во европските рамки котира многу ниско.

    На овие простори најсреќни се Словенците со пласман на 22 место, па следуваат – Косово на 34, Србија на 45, Хрватска на 48, Грција на 58, Црна Гора на 67, Босна и Херцеговина на 71, Бугарија на 77 и Албанија на 83 место од листата.

    Најсреќни се жителите на Финска со индекс од 7.804. Оваа држава веќе шеста година по ред е на тронот од среќата. Во првите десет се и Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд.

    Што се однесува до другите среќници, од 11 до 20 место се наоѓаат Австрија, Австралија, Канада, Ирска, САД, Германија, Белгија, Чешка, Велика Британија и Литванија.

    Италија е на 33, Унгарија на 51, а Русија на 70 позиција.

    На самото дно од листата е Авганистан (1.859), а над неа се Либан, Сиера Леоне, Зимбабве, ДР Конго, Боцвана, Малави, Коморските острови и Танзанија, кои се десетте земји во кои среќата не е многу присутна.

    Некаде помеѓу, а се полоши во тој поглед од нас, се Грузија на 90 место, Украина на 92, Турција на 106.

    Според објаснувањето за подготовката на листата, 2022 беше кризна година со војна, светска инфлација и со многу вонредни и непредвидливи појави, кои се надоврзаа на Ковид-пандемијата. На тој начин се создале многу повеќе докази за тоа како довербата и општествените врски делуваат врз нациите при нивното соочување со актуелните состојби. Секако, главната анализа се однесува на среќата мерена преку субјективните проценки на животот и на емоциите. Притоа, се покажало дека таму каде што има доверба во институците, каде што се силни општествените врски и се опстојува во добронамерен амбиент, а и материјалната страна е силна, животот е подобар и преовладува среќата.

    Извештајот „Среќата во светот“ веќе 11 години се објавува на 20 март, кој се смета за Меѓународен ден на среќата. Од анкетираните се бара да одговорат каде на скалата од 0 до 10 сметаат дека се наоѓаат според моменталната ситуација во животот. Во годинешниот извештај државите се рангирани според просекот од последните три години.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично