Компанијата на милијардерот Ричард Бренсон во петокот објави дека добила дозвола од Федералната управа за воздушен сообраќај на САД (ФАА), што беше последната пречка во реализацијата на долгорочните напори на „Вирџин галактик“ да испраќа патници на кратки туристички патувања во вселената.
„Вирџин галактик“ планира уште три пробни лета, од кои првиот е планиран за ова лето. Според првичните планови, Бренсон треба да биде на пробниот лет подоцна оваа година, додека комерцијалните летови би почнале во 2022 година.
Основачот на Амазон, Џеф Безос, во почетокот на овој месец објави дека тој и неговиот брат ќе бидат патници на првиот вселенски лет на аеронаутичката компанија на Безос „Блу ориџин“.
„Знам дека има многу шпекулации за тоа дали Бренсон ќе се обиде да полета во вселената пред Безос. Сепак, во моментов немаме никакво соопштение за идните планови за летовите на Вирџин галактик“, изјави портпаролката на компанијата Валерија Симбал.
За разлика од капсулите на компаниите „Блу ориџин“ и „Спејсекс“, кои се лансираат од ракети, „Вирџин галактик“ користи вселенско летало лансирано од авион. До вселената стигна трипати од 2018 година со двајца пилоти во кабината. На вториот лет беше и вработен во компанијата.
Истрагата за пробниот лет во мај – кој достигна височина од 89 километри – покажа дека поминал добро, што го отвори патот за потребната дозвола од американските регулатори.
„Денешната дозвола од ФАА за комерцијално лансирање, заедно со успехот на пробниот лет на 22 мај, ни влева доверба пред првиот пробен лет со целосен екипаж ова лето“, изјави извршниот директор Мајкл Колглејзер.
Повеќе од 600 луѓе веќе резервирале патување во вселената од 90 минути, со неколку минути во бестежинска состојба. Билетите првично чинеа 250.000 долари, но се очекува цената да порасне кога Вирџин галактик повторно ќе почне да прифаќа резервации.
„Блу ориџин“ сè уште нема почнато со продажба на билети за пошироката јавност, ниту пак наведе колку ќе чинат.