ПОВЕЌЕ

    Работилница на „Макпетрол“ за родители против врсничко насилство утре ќе се одржи во Штип

    Време зa читање: 3 минути

    Едукативна средба на која родителите ќе дискутираат за врсничкото насилство утре (12 декември) ќе се одржи во салата на советот на општината во Штип. Почетокот на работилницата, која е наменета и за родителите од Свети Николе, е закажан за 18 часот. Настанот е организиран од „Макпетрол“ во рамки на општествено одговорната кампања „Крени глас против врсничко насилство“. Водител ќе биде актерот Сашко Коцев, а за стручниот дел од темата ќе зборува психологот Деспина Стојановска.

    Работилницата со родителите од Штип и од Свети Николе е седмата организирана од македонската компанија. Претходно, вакви средби се одржаа и во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, каде што учествуваа и граѓани од Виница и од Берово. Главен фокус на овие настани е да се обезбеди можност за родителите да ги прошират своите знаења за врсничкото насилство. Дополнително, работилниците овозможуваат и споделување искуства и конструктивна размена на мислења, со цел да се подобри ситуацијата со проблемот со булингот. Учесници на овие едукативни настани се и членови на стручните служби на основните училишта.

    Во претходната фаза од општествено одговорната кампања, „Макпетрол“ организира работилници во повеќе од 150 училишта. Тие се дел од 26 општини кои што ја препознаа вредноста на активностите на македонската компанија и директно се вклучија со поддршка во нивната реализација. Заедно со психологот, учениците ги продлабочија своите познавања за проблемот со врсничкото насилство.

    Физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството како форми на булинг се во фокусот на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Нејзин носечки дел, каде што се достапни многу информации за проблемот, но и совети и искуства, е интернет-страницата kreniglas.mk. Освен едукативна улога, платформата е и место каде што секој може анонимно да ја сподели својата приказна поврзана со булингот. На вебсајтот се достапни и прирачниците за ученици, наставници и за родители, кои компанијата ги испечати и достави во општините.

    Општествената одговорност е меѓу носечките стратешки приоритети на „Макпетрол“. Оваа цел се реализира преку комуникациските, едукативни и други активности што се дел од „Крени глас против врсничко насилство“. Кампањата изминатава година успеа значително да го крене интересот во јавноста за проблемот и поттикна дискусија што придонесува кон него да се гледа и да се постапува со поголема посветеност. Младите, односно поддршката на развојот на нивните потенцијали, ќе бидат клучен дел и од идните општествено одговорни активности на „Макпетрол“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично