ПОВЕЌЕ

    ЗА ОДЛУКИТЕ НА УСТАВЕН (НЕ) СЕ КОМЕНТИРА: Даночните експерти контра триумфот на најбогатите за солидарниот данок

    Време зa читање: 7 минути

    Државата им должи 50 милиони евра на 156 компании. На најуспешните и најбогатите, опфатени со солидарниот данок, воведен за еднократна употреба, кој падна на Уставниот суд. Селективен е, ретроактивен и внесува правна несигурност, затоа и е поништен. Оштетените имаат право да бараат и камата, поради тоа што една година не можеле да сметаат на тие средства и да располагаат со нив. Тоа немаше да биде случај доколу судот донесеше одлука за укинување на Законот за солидарен данок, чија последица ќе беше неможноста во иднина да се воведе таква обврска.

    Кога би можело, би поднел иницијатива за оценка на уставноста на оваа Одлука на Уставниот суд. Иницијативата би ја засновал на две одредби во нашиот Устав. Првата: ‘Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување’. Кога профитот e над вообичаено очекуваниот, можеби има нешто од монополското однесување. Второ, она што пишува во Амандманот IV, со кој внесоа промени во Преамбулата: ‘… како да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот’. Ова е ставот на некогашниот даночник, Славко Лазовски, кој е добар познавач на даночната проблематика.

    НЕПРАВЕДНО Е ШТО ИМАМЕ МАЛ БРОЈ ДАНОЦИ

    Категоричен е дека воведувањето на тој данок било целосно оправдано.

    Солидарниот данок мораше да се воведе. Ние даночниците полека почнавме да го прифаќаме терминот ‘мора’, наместо ‘треба’, онака како што одамна е одомаќинето во европското даночно право. Не само поради тоа што во самиот Закон е одредена целта за која ќе се применат даночните приходи – за справување со Ковид-кризата, туку и заради тоа што ние имаме многу тесна даночна структура. Со мал број видови даноци на национално и на локално ниво. А, тоа не е праведно. Наместо 30-на, имаме десетина видови даноци, па и самата таа структура е неправилна“, укажува Лазовски.

    Неправедноста ја објаснува со споредбата меѓу предметите на оданочување во Македонија и Германија, како најдобро даночно уредена земја со 30 видови даноци. Нагласувајќи дека основа и главен елемент за секој вид данок е предметот на оданочување. „Споредете и запрашајте се, што не се оданочува. И каде е поголем обемот на тоа што не се оданочува. Веднаш станува јасно кој има подобар даночен систем“.

    Солидарниот данок, пак, требало во дадениот момент да ја има улогата на коректор.

    Данокот за солидарност ја имаше таа улога, да ја подобри токму таа неправедност. И наеднаш, тој самиот станува неправеден. Особено што ова, во суштина, не е данок, иако е така насловен. Во самиот текст и по сите даночни карактеристики, ова е еднократна јавна давачка. Задоволува една општествена, неспорна потреба – справување со последиците од пандемијата, и згаснува“, нагласува Лазовски. Освен тоа вели, во врска со солидарниот данок, многу често се слуша(ше) – фирмите веќе ја инвестирале добивката. „Европското даночно право има решение, кое е внесено и во нашиот Закон за даночна постапка, уште од 2005 година. А, тоа е – одлагање на плаќање на даночниот долг (чл. 113) – по барање на даночниот должник УЈП може да донесе решение за целосно или делумно одлагање на даночниот долг“.

    ФРОНТАЛЕН НАПАД НА ПРАВОТО ВРЗ ДАНОЦИТЕ

    Исто така, се осврнува на квалификациите дека таа јавна давачка е спротивна на „правната сигурност“, „правната положба“ и „правната извесност“.

    „Колку што помнам, некогаш одамна даноците многу често беа пред уставните судии и секогаш беа подобрувани според одлуките на Уставниот суд. Ова е првпат, како фронтален напад на правото врз даноците. Нападната е солидарноста на даноците, но најмалку поради самиот наслов на Законот“, тврди даночниот експерт, и додава – важењето на правото е фундаментален принцип, но фундаменталноста ја обезбедуваат и надградуваат само даноците, кои, пак, без правото се – ништо.

    „Да се вратиме на теренот на даночната регулатива. Уставните судии се повикуваат на тоа дека ЕУ регулативата е погрешно применета. Поточно, ‘поправедно’ би било кога само енергетскиот сектор би бил даночен обврзник, поточно даночен должник. Има разлика меѓу обврзник и должник. Прво, нашата регулатива е поправедна, бидејќи се однесува на секој кој остварува профит над одредени рамки. А, рамката ја одредува законодавецот. Второ, земјите-членки не го пренеле даночниот суверенитет врз ЕУ, а за нас како земја-кандидат и да не правиме муабет.

    Тврдењето дека даночните должници, ова е вистинскиот термин, се нашле во ‘неправилни и неповолни околности’ е, извинете почитувани угледни правници, даночно незнаење. Ако данокот е таков, каква е даночната основа, односно профитот од кој се пресметува? Каква даночна основа, таков данок. Ако данокот е ‘непредвидлив’, тогаш профитот е уште повеќе“, категоричен е Лазовски.

    Според него, аргументот дека солидарноста е поделена и паѓа на „одредени субјекти“, не држи. „Токму даночниот термин дека фирмите се само даночни должници, но не даночни обврзници, ќе не доведе до сознанието дека оданочувањето на профитот е најголемо почитување на солидарноста“.

    Исто така, нагласува дека ѝ припаѓа на групата луѓе кои одлуките на Уставниот суд целосно ги применуваат. „Тие ни помагаат да бидеме уште подобри во даночната проблематика. Но, мора да се коментираат, да се анализираат, да се учи од нив, да не се повторуваат грешките. Само така даноците ќе ни бидата подобри“. Зашто, даноците го овозможуваат личниот и заедничкиот живот. „Овозможете ја таа цивилизациска придобивка на даноците“, советува даночниот експерт.

    ПОНИШТЕН ЗАКОН КОЈ НЕ ПОСТОИ

    Со ваквата одлука на Уставниот суд, штетата произлезена од политичка одлука ќе ја надоместат даночните обврзници. Законот за солидарен данок го воведе претходниот владин состав во 2023 година. Бизнис заедницата реагираше, надолго и нашироко ги објаснуваше основите кои тоа законско решение го прават правно неодржливо. На крај, поднесе иницијатива пред Уставниот суд.

    Од тоа време, кога се носеше Буџетот за 2024 година, е и изјавата на тогашниот вицепремиер задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи – доколку се случи солидарниот данок да падне на Уставен суд, на компаниите ќе им бидат вратени уплатените пари.

    Сега, пак, раздолжувањето треба да се реализира по пат на договор. Компаниите, за кои Уставниот суд процени дека се онеправдани и оштетени, имаат временски рок од пет години да побараат поврат.

    Спорниот данок беше воведен како вонредна мерка за да се обезбедат пари во услови кога последиците од ковид-пандемијата се санираа со антикризни мерки, спакувани во девет пакети. Идејата беше најбогатите, кои во 2022 забележале приход повисок од десет милиони евра, да манифестираат општествена одговорност и во знак на солидарност да платат екстра давачка. На тоа со здружени сили се спротивставија Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Северозападна Македонија.

    Исто така, забелешки беа упатени и од стручната јавност. На пример, од „Фајнас Тинк“, иако сметаа дека решението е оправдано од аспект на кризните околности во кои одредени фирми оствариле вонредно високи профити, сепак, посочија на две критични точки. Првата, дека е конципиран така што не може прецизно и до крај да го опфати екстра профитот, а второто укажување беше за ретроактивното дејство: „надвор од правниот момент не е добра пракса и оневозможува предвидливост и можност за адекватно планирање“.

    Мнозинството судии ги поддржа компаниите, со образложение дека Законот ги повредува владеењето на правото и фундаменталните принципи – правната сигурност на субјектите, правната предвидливост и правната извесност.

    Поинакво толкување има поранешната претседателка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која пред извесно време образложи зошто треба да се запре постапката. Посочи на повеќе правни аргументи, но основно, според неа, беше тоа што Законот имал еднократна намена, завршила неговата примена и не постои во правниот поредок.

    Критика на сметка на Уставниот суд упати и лидерот на Левица, Димитар Апасиев: „… по којзнае кој пат докажа дека нема никаква правна експертиза и е обичен слуга на олигархијата и на богатите, а против концептот на социјална држава“.

    Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, па затоа властите велат дека компаниите ќе ги добијат назад своите пари, односно создадените обврски ќе бидат сервисирани од буџетот.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично